Трка со времето: Груевски на слобода или во затвор?

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска би требало да се појави пред Апелацискиот суд во Скопје каде што ќе почне расправата за мајската пресуда за случајот „Тенк“, со која беше осуден на двегодишна затворска казна поради противзаконито влијание во набавката на луксузниот „мерцедес“. Неговата одбрана поднесе жалба со образложение дека нема вина кај екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ и во дводневната расправа ќе се обиде да им предочи на судиите дека судијката Добрила Кацарска згрешила со првостепената одлука. Апелацискиот суд сега има три опции: да ја потврди пресудата, да ја преиначи или да го врати предметот на повторно одлучување во зависност од нивната оценка како течело судењето во Кривичниот суд. Во зависност од нивната одлука, ќе биде познато и дали некогаш најмоќниот политичар во земјава ќе оди во затвор или делото ќе му застари.
Правниците што ги консултиравме велат дека не може да се очекува одлуката на Апелацискиот суд да биде соопштена утре, за кога е закажан вториот и последен ден од расправата. Денеска се очекува апелацискиот судија да прочита кога и зошто е покренато обвинението, како се водела постапката и каква била пресудата. Потоа, одбраната на Груевски ќе образложува каде смета дека е направена грешка со првостепената пресуда и ќе побара таа да биде поништена, а судењето да се врати на почеток. Потоа, збор добива обвинителството, но оттаму беа задоволни со висината на затворската казна што ја доби Груевски, па се очекува нивното излагање да оди во насока на одбивање на барањето на одбраната. На крајот, збор добива Груевски, кој може да го повтори тоа што го кажал за време на судскиот процес, но и да изнесе нови детали, досега непознати за случајот со кои би се отфрлила негова вина. Исто така, присуството на експремиерот не е задолжително, но во тој случај би пропуштил шанса да изнесе аргументи во своја одбрана. Поради сите тие правни процедури, закажани се два дена за расправа: денеска и утре.
„Кога сето тоа ќе заврши, судот се распушта и сите си заминуваат дома, вклучително и обвинетите. Потоа, Апелацискиот суд ќе донесе одлука и писмено ќе им ја соопшти на странките во процесот. Тоа може да се случи релативно брзо, за две или три недели, но и по неколку месеци. Таа одлука е правосилна, а ќе стапи во сила откако странките ќе ја примат“, објаснува адвокатот Звонко Давидовиќ.
Хипотетички, доколку судот ја поништи пресудата и го врати судењето на почеток, ќе нема време Груевски да одговара за евентуална злоупотреба. Тоа нема да се случи дури и ако одлуката на Апелација не биде донесена и испратена до странките до октомври годинава кога доаѓа до застареност на предметот. Имено, за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание е предвидена затворска казна од една до три години. Делото застарува кога ќе поминат двапати од највисоката предвидена казна, а во случајов тоа се шест години. Делото, според обвинението, е направено во 2012 година, па отприлика за месец и половина настапува застарување. Конкретно, за одлуката на Кацарска да добие потврда треба да се случат три работи: Апелација да одлучи дека две години затворска казна е примерна одлука, дека треба да се зголеми и да води сметка сето тоа да го соопшти и процесира најдоцна во октомври.
Свесна за тоа е и специјалната обвинителка Катица Јанева која вчера апелираше до судовите и конкретно до Апелацискиот суд кога е во прашање „Тенк“, да имаат предвид оти е можно случаи на СЈО да застарат доколку се одолговлекува постапката.
Инаку, во случај Апелација да ја потврди затворска казна, Груевски и неговиот тим можат да се обратат до Врховниот суд, но тоа нема да го спречи извршувањето на правосилната одлука. Хипотетички, тој би добил налог од судот за издржување на затворска казна, по што има можност во рок од три дена да побара одложување и да наведе од кои причини.
Покрај Груевски, и Ѓоко Поповски, поранешниот помошник-министер за внатрешни работи, беше осуден на казна затвор од 6,5 години за злоупотреба на службена положба и заврши во притвор. При изрекувањето на пресудата, поранешниот премиер не дојде во судницата, а пред судот дојдоа мала група демонстранти кои протестираа против пресудата. Во овој случај е обвинета и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но неа ѝ се суди во одвоена постапка. (Г.А.)