Триумфализмот на „волјата“


Ѓорѓи Спасов

 

Како во нацистичкиот пропаганден филм „Триумфот на волјата“, нарачан од Хитлер за да се обележи партискиот конгрес во Нирнберг 1934 година, деновиве по референдумот во медиумите се редат слики и настани од радоста на оние што со повикување на бојкот успеале да го спречат „тешкото злосторство на власта“ и на оние 600 илјади граѓани што гласаа „за“ за прифаќање на договорот со Грција и отворањето пат за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ.

Се објавуваат фотографии на Мирка, Миленко и Пандов како ни покажуваат среден прст. Се сликале „идеолозите“ на бојкотот: поранешната побегуша од СДСМ, Солза Грчева, антинатовката Билјана Ванковска, Жидас Даскаловски, кој направи пари од фондовите на ЕУ и тештата на Димитар Апасиев, Гордана Силјановска, на заедничка гозба по референдумот. На плоштадот пред Собранието истата вечер по референдумот прослава одржаа тврдокорните од Христијанското братство, од Левицата на Апасиев кои извикуваа „НАТО убијци“, приврзаници на Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров, штабот на „Бојкотирам“ со Сотир Костов и Филип Петровски и други што се сметаат заслужни за „одбрана на името“ кое го „продале“ домашните предавници и нивните западни сојузници. Лондонски „Гардијан“ објави дека ова е победа на Москва во Македонија. Москва му честита на претседателот Ѓорге Иванов за спречување на западното влијание во Македонија. А Иванов одржа говор во кој наспроти јавно изразената волја од 600 илјади граѓани за поддршка на договорот, му честита на „тивкото мнозинство“ (Македонци) кое со негласање ја демонстрирало волјата на народот, побара одговорност од оние што работат против „суверената волја на македонскиот народ“ и во духот на руската пропаганда ги искара САД и ЕУ кои се мешале во нашите внатрешни работи и непринципиелно заземале страна.

Веднаш по оваа демонстрација на „триумфот на волјата“ лидерот на новооснованата проруската партија Единствена Македонија им се закани на пратениците од ВМРО ДПМНЕ – дека „неговата партија имала сознанија за некаков обид за нивен поткуп и дека на таквите, ако сторат такво нешто, нема да им дозволи да стигнат ниту до државната граница при нивниот обид за бегство од Македонија“.

Мошне слично на Хитлер, кој успеа национал-социјализмот и расната чистота да им ги подметне на граѓаните на Германија како борба за „национална гордост“ и за национално обединување против цел свет, така и остатоците од режимот на Груевски денес, засилени со неколку антинатовски креатури и некакви проруски христијански братства, прават сè за Македонија да остане изолирана од светот во име на „светата војна за одбрана на името Македонија“.

Главната опозициска партија во Македонија, која го предводи овој процес, ги игнорира објаснувањата од својот најдобар познавач на политичката историја на Балканот, Владо Поповски, според кого е „илузорно да се очекува дека подобар договор од овој со Грција некој можел и може да постигне“. Партијата не го прифаќа повикот на својот основач Љупчо Георгиевски дека овој договор заслужува поддршка. Не ги прифаќа сугестиите од своите сестрински партии во Европа кои ја финансираа и помагаа таа партија со години ниту, пак, ги слушаат мислењата на некои свои пратеници кои сметаат дека со бојкот на референдумот и со негласањето во Собранието за промена на Уставот оваа партија не само што ќе ја изолира Македонија од светот, туку ќе се изолира и себеси од сите нејзини пријатели и поддржувачи.

На прашањето дали бојкотирачите и ВМРО-ДПМНЕ, по овој „голем успех“ на референдумот, сметаат дека мнозинската волја на народот за членство во НАТО и во ЕУ ќе можат да ја остварат со постигнувањето на некој подобар договор со Грција во некоја блиска или далечна иднина, челниците на партијата не даваат одговор. Тие само констатираат дека со овој „лош“ договор што го потпиша сегашната влада, без да постигне за него претходно национален консензус во земјата, позицијата на Македонија во идните преговори е веќе влошена, и никој од нив не може да гарантира дали би можел да се постигне и подобар договор од овој. Бидејќи постигнувањето договор со Грција за разликите околу името, под покровителство на Обединетите нации е услов за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, тоа значи дека тие не можат да гарантираат ниту подобар договор од овој ниту членство во НАТО и во ЕУ, а би сакале да ја имаат власта во земјата и да ја „подготвуваат земјата за членство во тие организации преку некакви реформи и воспоставување на систем на почитување на Уставот и владеење на правото“.

Иако референдумот беше консултативен и договорот со Грција кој е ратификуван од Собранието останува во сила, тој нема да биде ратификуван и од Грција ако не бидат направени промените во Уставот што се предвидени со тој договор, а за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието на Македонија. Бидејќи владата не располага со двотретинско мнозинство во Собранието, референдумот всушност беше замислен и како алатка за убедување на дел од опозициските пратеници да гласаат за промена на Уставот.

По прогласувањето на референдумот за неуспешен од страна на Државната изборна комисија, поради неисполнетиот цензус во однос на излезеноста, сега таа задача ќе биде значително отежната и на владиното мнозинство не му останува ништо друго освен со вонредни парламентарни избори да направи обид за освојување на доволно пратенички места за промена на Уставот и за спроведување на договорот со Грција.

Вонредните парламентарни избори во Македонија се наложуваат и за низа други причини. Прво, по единаесетгодишното владеење на режимот на Груевски се покажа дека тој, откако ги партизирал сите релевантни институции во земјата и ги пренатрупал со кадри јавната администрација, судството и полицијата, вовел такви механизми за заштита на нивните мандати и позиции кои без двотретинско мнозинство во Собранието им обезбедуваат натамошно останување на тие позиции и нивна злоупотреба за партиски цели. Со други зборови, Груевски со своите правни експерти направил од Македонија заробена држава, по неговото заминување од власт долго да остане блокирана држава која е предмет на постојани уцени од опозицијата и во која е невозможно да се спроведуваат сериозни политички и кадровски реформи без двотретинско мнозинство во Собранието.

Оттука, клучниот проблем на Македонија е што груевизмот како еден вид политички и економски бандитизам не е победен и покрај промената на власта.

Новата власт подлегна на уцените од остатоците на груевизмот во низа области со цел да демонстрира волја за национално обединување и за постигнување консензус по важни прашања од национален интерес.

Очигледно дека тоа станува кочница за остварување на клучните ветувања и цели на новата влада. И таа кочница, ако не се обезбеди мнозинство во Собранието за промена на Уставот и за членство во НАТО и во ЕУ, може да биде отстранета само со брзи вонредни парламентарни избори на кои ќе се соочат коалицијата за европска Македонија и ултрадесното и популистичко малцинство во земјата.

На такви избори тоа веќе не може да ја крие својата слаба поддршка зад граѓаните што се одамна иселени од земјата, а фигурираат на избирачките списоци, и зад оние што се разочарани и што не излегуваат на какви било избори. Коалицијата „За европска Македонија“ не треба да се плаши и од уцената на ВМРО ДПМНЕ дека ќе ги бојкотира и изборите ако не биле прифатени нејзините барања. Напротив. Сега веќе ниту едно нејзино барање и уцена не треба да биде прифатено. Тие треба да бидат поразени во име на иднината на Македонија и во име на трајниот мир на Балканот и како услов за започнување на сериозните реформи и промени во општеството.