Триатлонката Леана Таќи, убавица со врвни резултати и изглед: Ослабев и станав подобар човек

Триатлонката Леана Таќи (33) е убавицата за април од годинешниот календар на „Пелистерка“, кој на провокативен начин ги истакнува бенефитите на водата и ја слави убавината на жената. Убавата спортистка со исклучителни резултати навикнати сме да ја гледаме во спортско издание. На календарот е исто така во спортски елемент, но совршено ги отсликува елеганцијата и убавината на спортот.

Леана ни ги откри тајните на топ-изгледот, но и на врвните резултати во спортот.

Колку години се занимаваш со триатлон?

– Рекреативно со триатлон почнав да се занимавам некаде кон крајот на 2013, а на првиот 70.3 ајронмен се пријавив во 2014 година.

Настапуваш за клуб или за репрезентација?

– Се натпреварувам и тренирам чисто за себе и сум само рекреативен триатлонец.

Твоите најголеми резултати?

– Моите резултати не се големи во мерлива смисла, како кај постигнат успех на професионален спортист. Да речеме дека нивната големина доаѓа од дисциплината и издржливоста кои ги бара овој спорт во комбинација со моите други обврски (музика и работа). Во 2015 година завршив 140,6 ајронмен-трка, која се состоеше од 3,9 км пливање, 180 км велосипед и 42 км трчање – и тоа е најголемиот предизвик што досега си го имам зададено. Сѐ уште сум единствената девојка во Македонија која има завршено ваква трка, но мислам дека тоа наскоро ќе се смени бидејќи триатлонот зема сѐ поголем замав кај нас.

Од каде љубовта кон спортот, особено кон триатлонот?

– Не можам да кажам дека отсекогаш сум сакала спорт. Посериозно навлегов во спортот некаде на 22-годишна возраст и ми стана интересно буквално сѐ: трчање, велосипед, планинарење, спортско искачување карпи, пливање и многу други активности. Претходно, обидите за спортување ми беа мошне несериозни. Тогаш бев на постдипломски студии во Амстердам на една година и таму почнав поредовно да трчам и да возам велосипед. Откако се пријавив на мојот прв Скопски (полу)маратон, мојот пријател и тренер Душко Величковски (првиот македонски тркач во ајронмен) ми предложи да додадам и пливање на комбинацијата – и така некако дојде до тоа да се вљубам во триатлонот.

Што беше за тебе пресудно: здравјето, изгледот, резултатите?

– Со вежбање почнав како и многумина, за да ослабам. Но набргу ги осетив и останатите придобивки од овој начин на живот: го поправив имунитетот, погледите на животот – генерално, ме направи подобар и поиздржлив човек.

Колку ти се смени животот откако спортуваш?

– Премногу.

Која спортска цел сакаш да ја оствариш во животот?

– Сакам да работам на брзината – односно да продолжам да ги подобрувам моите времиња во сите три дисциплини, но не ми е тоа пресудно. Имам неколку сопствени временски бариери што ги имам поставено и сакам да ги надминам, чисто како лично постигнување.

Се подготвуваш летово повторно да одиш на ајронмен, една од најтешките трки за триатлонците. Кој е предизвикот?

– Ако ова лето сѐ оди според планот, сакам да се пријавам на истата трка во Австрија 70,3 ајронмен-трка (полудистанца, 1,9 км пливање, 90 км велосипед и 21 км трчање). Вложив многу труд последниве една-две години и сакам да се обидам да го подобрам своето време токму на оваа трка.

Те избраа за постерот на „Пелистерка“. Што значи за тебе еден ваков престижен настан?

– Ми беше чест да се најдам на календарот со овие 11 прекрасни дами со многубројни спортски успеси зад себе бидејќи како што реков и претходно – јас сум само рекреативен спортист. Маркетинг-тимот на „Пелистерка“ е составен од прекрасни дами и мислам дека во голема мера учествував во правењето на календарот бидејќи ми се допадна нивната визија.

Кое е твоето хоби и колку те интересира модата?

– Работам маркетинг, а се занимавам и со музика. Музиката ми е најголема љубов и пресреќна сум дека во моментов со мојот нов бенд работиме на нашиот прв студиски албум. Спортот најмногу можам да го наречам хоби, иако ова хоби бара многу жртва и посветување. Модата ме интересира многу, сакам да ги следам нашите локални модни дизајнери, а и постојано се трудам да изградам некој свој стил на облекување како за настапи, така и во секојдневието.

Што им советуваш на девојките за топ-форма?

– Ги советувам да не паѓаат на брзи диети, туку да бараат начин на исхрана кој е долгорочно одржлив и е во согласност со нивниот вкус за храна. Ги советувам да не се плашат да вежбаат со поголеми тежини бидејќи тука лежи одговорот на здравиот метаболизам и добриот имунитет, како и тренирањето без повреди. Ако не знаат каде да почнат, кај нас има многу солидни тренери кои би можеле да ги посоветуваат. И на крај, ги советувам да одберат спорт што ги прави среќни и го сакаат.

Колку ја имаш поддршката од семејството?

– Најмногу, тие се центарот на мојот свет. Без моите родители, нивната поддршка и поддршката на најблиските, немаше да издржам ни 24 часа со темпото во кое живеам.

Лејла Сабит      Фото: Ани и Дими