Транспаренси интернешнл – Македонија: ДУИ осомничена за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фондови

По претставка на Транспаренси интернешнл – Македонија (ТИ-М), Државната комисијата за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила постоење на основано сомневање за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фондови во финансирањето на ДУИ и за тоа писмено го известила Основното јавно обвинителство Скопје заради понатамошно постапување.

Транспаренси интернешнл – Македонија соопшти дека по анализа на Годишниот извештај за членарини за донации за 2016 година, забележала дека на листата како донатори на ДУИ се јавуваат и претпријатијата АД Македонска пошта, АД Аеродроми на Македонија и ЈП Македонски железници – инфраструктура, што, како што се наведува, е спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и Законот за финансирање на политичките партии.

Поради тоа на 10 мај минатата година, ТИ-М се обратила до Антикорупциската комисија како надлежна за постапување во вакви случаи.

– На 21.02.2018 година добивме одговор од ДКСК дека по разгледување и анализа на добиените податоци од наша страна и прибраните известувања од посочените претпријатија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, утврдиле дека сомневањата кои се изнесени во претставката се основани и дека од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на корупцијата кои забрануваат користење на буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање на изборна активност, односно друга политичка активност, стои во информацијата од ТИ-М.

Документацијата од која произлегуваат овие сомневања, според ТИ-М, ДКСК ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошно испитување на овие информации.

ТИ-М, како што се наведува, изразува задоволство од постапувањето на ДКСК во врска со овој случај.

Од ТИ-М нагласуваат дека финансирањето на политичките партии, иако се актуелизира само за време на избори, континуирано останува сериозен проблем на корупција, а подготвува и широк терен за многу други коруптивни дејствија.

Транспаренси интернешнл Македонија ги повикува институциите уште пожестоко да се зафатат со сузбивање на, како што стои, незаконитите активности во финансирањето на политичките партии и со тоа да придонесат во обезбедување на владеење на правото.