Трамп со државна вечера во чест на Макрон: Американска кујна и стил со француско влијание

САД- Американскиот претседател Доналд Трамп, една година на функцијата, синоќа ја организираше првата државна вечера во Белата куќа, во чест на францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит. Сопружниците Макрон се во тридневна посета на Вашингтон, почнувајќи од понеделник.

САД последната државна вечера во чест на француски претседател ја организираше пред 4 години, кога Франсоа Холанд им беше почесен гостин на Барак и Мишел Обама.

Амбиентот на вечерата беше во златна и крем боја а вечерата беше сервирана во сервис од порцелан од времето на мандатот на Бил Клинтон и Џорџ В. Буш. Белата куќа беше накитена со 1200 дрвца од цреша, а трпезаријата со бели лилјани.

Поканети беа над 350 гости со што се крши досегашната традиција од најмногу 120 гости. Забавата беше во знакот на класична музика од уметниците на Националната опера во Вашингтон. Вечерата ја подготви главниот готвач на Белата куќа Кристета Комерфорд.

На вечерата беше послужена најдобрата храна од американската кујна и традиции но со француско влијание. Беа користени зеленчук од градината што претходно ја посади Мишел Обама. Беше послужено младо пролетно јагне и ориз џамбалаја приготвено од традицијата на Њу Орлеанс. За десерт беа послужени тарт од нектарини и сладолед.

 

 

Меланија во Шанел, Брижит во Луј Витон

 

САД– Првата дама на САД Меланија Трамп блескаше во сребрена тоалета на Шанел за првата државна вечера во чест на францускиот претседател во Белата куќа. Првата дама на Франција, Брижит Макрон избра тоалета на Луј Витон.

Листата на гостите се разликуваше од мандатот на Обама кој канеше актери а сега нив ги немаше на листата на поканети гости. Тоа беа медискиот магнат Руперт Мардок со сопругата Џери Хол, Тим Кук, Хенри Кисинџер… Ќерката на Доналд Трамп и негова десна рака во Белата куќа Иванка Трамп предизвика внимание со тоалетата на Родарте од 13 илјади долари.