Трамп му нареди на ФБИ да спроведе истрага за обвиненијата против Кавано

Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на ФБИ да ги испита обвиненијата за сексуално злоставување против кандидатот за врховен судија Брет Кавано.

– Му наредив на ФБИ да спроведе дополнителна истрага, за да го обнови досието на судијата Кавано, изјави Трамп и додаде дека согласно барањето на Сенатот, исрагата треба да биде ограничена по обем и да заврши за помалку од една недела.

Претходно, Одборот на американскиот Сенат за правосудство го поддржа изборот на Кавано за судија во Врховниот суд, а одлуката е проследена до Сенатот кој треба да се изјасни.

Гласањето беше по партиска линија – сите 11 републикански сенатори го поддржаа изборот на Кавано, додека сите 10 демократи беа против.

Сенаторот од Републиканската партија Џеф Флејк сепак истакна дека поддршката за Кавано во Сенатот ќе зависи од истрагата на ФБИ поради што гласањето во Сенатот е одложено за една недела.