Тони Китановски на сцена обедини музичари од САД, Перу и Балканот

Композиторот и музичар Тони Китановски со концерт го затвори годинешното 37. издание на Скопскиот џез фестивал. Концертот кој се одржа на сцената во Македонската опера и балет беше поделен во два дела. Во првиот, Китановски и неговиот нов квинтет наречен „Панда“ го презентираа албумот „Big City Scare“.

Албумот има седум композиции кои се инспирани од големите градови и ја негуваат мултикултурата. Како што вели Китановски, овојпат музиката е различна малку бидејќи и тој се променил. Покрај него, во „Панда“ членови се и саксофонистот Кирил Кузманов, трубачот Трајче Велков, басистот Кирил Туфекчиевски и тапанарот Виктор Филиповски.

– Новина е што имаме и поинаков наслов на овој состав. Нема повеќе „Тони Китановски и ова“ или „Тони Китановски и тоа“, туку сме малку порамноправни барем во насловот. Го одбрав името „Панда“, тоа е моето ново духовно животно бидејќи е црно-бела и доаѓа од Азија. И во тој дел сме мултикулти, исто како што е и музиката на самиот албум – изјави Китановски за „Независен весник“ за време на прмоцијата на новиот албум.

Концертот во рамките на СЏФ беше и едно заокружување на 30 години музичка дејност на Китановски. По кратката пауза, во вториот дел од настапот на сцена му се приклучија негови долгогодишни пријатели-музичари и соработници.

Одлично доплнување и музички заплет на сцената направија Американците Џон Сас на туба и саксафонистот Дејв Вилсон. На кахон го имавме Перуанецот Пјеро Осамбела, а на пијано Васил Хаџиманов. Со Китановски на сцената настапи и Асан Рашит на труба од „Черкези“. Како што вели Китановски, „Черкези“ се повеќе од 15 години присутни во неговото творештво.

Од СЏФ велат дека Тони Китановски е тешко да се опише во неколку реда.

„Ова се должи на неговиот крајно разновиден и значаен музички опус. Има свирено на турнеи со своите џез и светски музички проекти, снимил и продуцирал голем број албуми, пишувал музика за играни и документарни филмови, современ танц, симфониски и големи џез-оркестри. Соработува со хип-хоп диџеи, музичари од Конго, ромски оркестри… Себеси се смета за композитор кој свири гитара, а неговата прва љубов отсекогаш била џезот“, вака од СЏФ го најавуваат Китановски.

Понатаму се запишува дека Драган Ѓаконовски-Шпато е прв и највлијателен ментор на Китановски. Токму во неговиот дом, Тони првпат слуша една стара снимка од гитаристот Барни Кесел. Оттогаш, па сè до денес, тој чувствува дека за него не постои друг избор освен да биде музичар. Во деведесеттите живеел и студирал во Бостон, на музичкиот колеџ Беркли.

„Бидејќи карактерот не му дозволува некој да му сугерира како да ја свири гитарата, тој ја одбира композицијата, со цел да го унапреди своето музицирање. Враќањето дома, десет години подоцна, беше придружено со серија албуми за SJF Records и ENJA/Yellowbird Records од Минхен“, запишуваат од СЏФ.

(И.Н.)