Тозија: „Јадран филм“ ќе мора да ги врати парите


Скандалот со серијата „Македонија“ продолжува со дополнителни препукувања меѓу Агенцијата за филм на Македонија и продуцентската куќа „Јадран фим“ од Хрватска. До септември годинава требаше да бидат снимени 14 епизоди од првата сезона, за што од страна на Агенцијата на хрватскиот продуцент му се префрлени 1,2 милион евра . Епизоди сè уште нема, а за овој случај покрената е и истрага од Јавното обвинителство во Македонија.

„Јадран филм“ поднесе тужби против в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, за наводно самоиницијативно активирање на извршната клаузула од договорот за серијата „Македонија“. Тозија вели дека Судот ќе биде оној што ќе одлучи за случајот. Тој вели дека нема ништо лично против Винко Грубишиќ и целиот случај го води од функцијата директор.

– Директорската функција ја презедов на 16 август, а „Јадран филм“ требаше да ги испорача готовите епизоди до 4 септември. Со нив имав работа 10 дена и во тие денови испратив три писма за серијата на кои не добив никаков одговор. Не можам јас на своја рака да преземам ништо, ова го работам од позиција на директор со цел тим адвокати, кои постапуваат по договорот. Поставен сум да ја заштитам институцијата која ја водам и нема да дозволам така да се одлеваат пари. Напротив, ќе работам на тоа овие пари да бидат вратени во целост – вели Тозија како реакција на последните случувања.
Извршната клаузула предвидувала раскинување на договорот доколку продуцентот не ги испорача епизодите во дадениот рок. Од „Јадран филм“ обвинија дека Тозија донел еднострана одлука за раскинување на договорот, која одлука по закон, а и според договорот, треба да ја потврди Управниот одбор на Агенцијата.

Тозија претходно соопшти дека повлечени се 19 милиони денари (300 илјади евра) од сметката на „Јадран филм“, согласно правосилното извршно решение и дека тоа е направено по законски пат.
– Како ќе се наплати остатокот ќе знаеме по завршување на истрагата на Јавното обвинителство и Финансиската полиција, кои ја проверуваат документацијата за целиот период – рече Тозија.
Во меѓувреме, „Јадран филм“ се соочува со уште еден проблем на територијата на Хрватска. Пред само неколку дена ХРТ објави дека се откажува од снимањето на серијата „Гричка вештица“, која требаше да биде во копродукција со „Јадран филм“ и продуцентот Винко Грубишиќ. Како причина за нивната одлука, ХРТ го наведуваат неисполнувањето на обврските предвидени во договорот од страна на „Јадран филм“.

Ивана Настеска