Тереза Меј го закажа гласањето за Брегзит за јануари

Британските парламентарци ќе имаат можност да гласаат за договорот за излегување на Велика Британија од ЕУ во третата недела од јануари, соопшти премиерката Тереза Меј.

Гласањето требаше да се одржи минатата недела, но беше одложено откако Меј призна дека има шанси да ја изгуби поддршката од мнозинството.

Таа денеска рече дека Брисел бил јасен дека планот за ирската граница, т.н. бекстоп, не е „никаква замка за Велика Британија“ и ги повика пратениците да гласаат за договорот за Брегзит.

Лидерот на лабуристите Џереми Корбин изјави дека Меј ја довела земјата во состојба на национална криза и оти веќе ја нема поддршката на целиот кабинет.

– Договорот е непроменет и нема да се менува. Потребно е гласање, а потоа и размислување за други решенија, истакна Корбин.

Велика Британија би требало да ја напушти ЕУ на 29 март следната година, а договорот за Брегзит ги дефинира условите за напуштање на Унијата, како и идните односи меѓу Брисел и Лондон.