Тенко мнозинство и истенчена опозиција


Десетина пратеници помалку отколку при конституирањето на парламентот во декември 2016 година за коалицијата „За подобра Македонија“ и тенко мнозинство на власта помогнато од „птици преселници“ од актуелната опозиција. Тоа е билансот од завчерашното гласање за доверба на Владата. Со 62 гласа „против“, двајца воздржани и 40 „за“, пропадна иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за изгласување недоверба на премиерот Зоран Заев и на неговиот тим, по што веќе вчера Собранието продолжи да работи во полн состав, со враќање на опозицијата и со заедничко гласање за реформските закони.

Во најголемата опозициска партија не се изненадени од епилогот по гласањето. Напротив, признаваат дека не очекувале поинаков расплет, но сакале да добијат шанса да укажат на сите погрешни политики на Владата, но и да видат кој е со нив, а кој игра двојни игри. Оттаму велат дека нивната пратеничка група е единствена и тоа се покажало и во средата. Заедно со коалицијата што ја предводат, на изборите пред година и половина, освоија 51 пратеник, но по смената на власта Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани ги сменија дресовите и решија да останат во власта.

Од ВМРО-ДПМНЕ набројуваат дека тројца пратеници: Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски се во куќен притвор и не можеа да присуствуваат на седницата, Дафина Стојаноска и Никола Мицески се на службен пат, а Нола Исмаилоска останала дома поради семејни причини. На листингот што беше објавен од собраниските служби може да се види дека Благоја Деспотовски бил присутен, но не гласал.

Не, тоа не е точно, гласав и тоа меѓу првите. Не знам што се случило и зошто мојот глас не беше регистриран. Реагиравме и писмено. Добро, беше доцна навечер, концентрацијата попушти, можеби имало некоја грешка. Како и да е, повторувам дека гласав“, ни изјави Деспотовски.

За недоверба на Владата се изјаснија и двајца пратеници на Социјалистичката партија: Љупчо Димовски и Стојан Миланов, како и Иван Стоиљковиќ од ДПС, Зеќир Рамчиловиќ од АВАЗ и Панчо Минов од ГРОМ. Третиот член на СПМ, Владанка Авировиќ, не беше присутна, што дополнително ги засили шпекулациите дека и таа ќе ја смени страната.

Од друга страна, власта доби само 62 гласа, без оглед што таа немаше потреба да брка поголем број, имајќи превид оти единствена обврска ѝ беше против неа да не дигнат раце 61 пратеник. Сепак, се очекуваше мнозинството да испрати посилен сигнал до јавноста дека е стабилно и оти порешително ќе влезе во костец со предизвиците што престојат. На листингот може да се види дека на седницата ги нема Лилјана Поповска од ДОМ, Горан Милевски од ЛП, Бранко Манојловски од ДУИ… Интересно, СДСМ и ДУИ ќе имаа само 59 гласа доколку не беа споменатите „птици преселници“: Бајрам, Саздовски и Хасани.

Реално, бројката засега е таа, но очекуваме да расте во иднина. Сепак, треба да се напомене дека имаше неколку пратеници што беа воздржани, односно не се изјаснија против Владата“, велат од СДСМ.

Од Алијансата за Албанците се изјаснија дека нема воопшто да гласаат, наведувајќи дека не можат да подржат иницијатива од партија што и натаму ги следи политиките на Никола Груевски, но и оти не можат да гласаат за Влада што целосно ги изневери очекувањата на граѓаните. Мерал Узеири-Ферати од ДПА беше воздржана, а лидерот Мендух Тачи вообичаено отсутен. Како што се зборува, ДПА набргу ќе стане нов член на Владата. Слична е ситуацијата и кај Беса, чии пратеници од двете крила гласа „против“ интерпелацијата, но едниот лидер (Африм Гаши) не беше присутен. Другиот претседател (Билал Касами) не е пратеник.

Ова беше прв тест за доверба на кабинетот на Зоран Заев, десет месеци по смената на власта на „Илинденска“. Во наредните 90 дена, како што е предвидено со Уставот, не може да се покренува ново прашање за доверба во Владата.

Горан Адамовски