Телохранителот на Спасовски до обвинетите: Јас Ви простувам, но судот ќе пресуди

Она што им се случило попладнето на 27 април минатата година во Собранието, сведоците повторно го преживуваат во судница. Ацо Ангеловски, кој тогаш го обезбедувал тогашниот пратеник, а сегашен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски се сети на ужасните сцени додека дел од обвинетите му поставуваа прашања што обвинителката Вилма Рускоска ги нарече неуспешен обид за свртување на вниманието кон некакви теории на заговор – за не да се утврди што сториле во Собранието.

Прашања му поставуваа обвинетите Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Мунир Пепиќ, Игор Југ. Сите се обидуваа да докажат дека освен нив во законодавниот дом имало и други лица кои сега не се на обвинителна клупа. Токму обвинетиот Југ и на денешното рочиште се обиде да го сврти внимание кон српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, кој, според него, се шетал слободно во Собранието, а Кољо преку прашање обвини дека Антонио Филевски, човек кој бил дента во Собрание, не бил обвинет бидејќи бил близок роднина на јавната обвинителка Рускоска. Единствено обвинетиот Мунир Пепиќ, тогаш вработен во МВР, преку прашањата кон сведокот сакаше да докаже дека токму тој помогнал во извлекувањето на Ангеловски од Собранието.

Ангеловски им прости на обвинетите за она што го направиле, но им порача дека судот е тој што ќе пресуди.

„Јас повеќето од обвинетите не ги ни знам, но посакувам никој да не се најде во таква ситуација. Јас на сите ќе ви простам, сите сме Македонци, сите сме христијани. Сите сме Македонци, сите грешиме. Но судот е тој што ќе одлучува, тој е надлежен орган“, им порача Ангеловски на обвинетите.
Тој хронолошки раскажуваше што правел на 27 април. Дента заедно со Сашо Тасевски, сегашниот директор на Бирото за јавна безбедност, и со Љупчо Јаневиќ го обезбедувале Спасовски кој бил во Собрание. Сите останале надвор, на паркингот пред Собрание сметајќи дека Спасовски ќе биде безбеден во законодавниот дом. Десетина минути пред 17 часот Ангеловски излегол да направи обиколка околу Собранието и забележал дека околу зградата има многу малку полиција, за разлика од претходните денови, иако од иницијативата „За заедничка Македонија“ протестирале и дента. Додека правел обиколка, се сретнал со еден од началниците во СВР Скопје, Зоран Стамчевски, кој му рекол дека има малку полиција оти полицајците биле пуштени да користат стари одмори. Околу Собранието во црн „пасат“ го видел поранешниот директор на БЈБ, Лазе Велковски, кој му бил советник на Спасовски. Околу 18 часот масата граѓани што протестирале дошле пред Собранието, а Спасовски сè уште бил внатре.

„Носеа градежни машини и масата беше многу агресивна. Почнаа да викаат, ја турнаа оградата и се упатија кон главниот влез на Собранието. Тогаш ми се јави Јаневиќ и ми кажа дека имаат наредба да влезат во Собрание бидејќи животите на Тасевски и Спасовски се загрозени“, вели Ангеловски. Се обиделе да влезат, но не успеале. На едниот влез кај пријавницата имало кордон униформирани полицајци, кажале кои се и дека мора да влезат, но полицијата не ги пуштила со образложение дека ако ги отворат вратите ќе влезе и толпата од 600, 700 граѓани. Од толпата почнале да викаат „Држете ги, овие се обезбедување на Оливер Спасовски“. Кога виделе дека вратата на главниот влез во Собранието е отворена и сите граѓани влегуваат внатре, влегле и тие. Ангеловски 12 години работел во Собрание, десет години како шеф на обезбедување на шест претседатели на Собранието и две години како шеф на внатрешното обезбедување.

„Кога влеговме во прес-салата, Спасовски и останатите пратеници беа пикнати во еден ќош. Се запрепастив кога видов маса граѓани, а многумина од нив носеа качулки. Дел од колегите полицајци во Собранието нè бранеа мене и пратениците, додека дел стоеја пред ѕидот и само немо посматраа. Ужасно беше, со шипка ми беше расцепена главата. Спасовски и Тасевски ѕвонеа на телефони, а јас му се јавив на Лазе Велковски и му реков: ‘Тука ќе нè убијат. Праќај помош. Нападите изгледаа како да беа командувани од еден центар. Целиот напад беше насочен кон Зоран Заев, Зијади Села, Петре Шилегов и останатите пратеници. Дури во еден момент правеа јамки за да нè извлечат од ќошот. Нè измачуваа еден и пол час“, вели Ангеловски. Бидејќи не можеле да ги совладаат физички, Ангеловски извадил пиштол и испукал еден куршум во воздух.

Масата се повлекла за одредено време, но нападнала пожестоко, па според кажувањата на Ангеловски, ситуацијата ја спасил пратеникот Влатко Ѓорчев. Тој застанал да ги брани со жив штит и почнал да ги вика по име оние што биле во толпата, и тие да застанат да ги бранат пратениците. Дел од оние што ги тепале, сега застанале да ги бранат, но од толпата можело да се слушне: „Влатко и ти се предаде, те купија и тебе, и ти стана комуњар“, а Ангеловски, кој се познавал лично со Ѓорчев, му велел: „Влатко, немој да нè оставаш“.

Кога дошле специјалците, ја растуриле масата и ги засолниле повредените во канцеларијата на Ѓорчев. Ангеловски имал расцепена уста, глава и други повреди, а за да го однесат до возилото на брза помош скршиле врата од шкаф. Кога ги внесле во возилото на Брзата помош, насилниците ја скршиле вратата на возилото за да ги извадат од внатре. „Јадрото од нападите доаѓаше од луѓето што носеа качулки на главите“, заклучи Ангеловски.
Сведочењата за „крвавиот четврток“ се потресни, сведоците се вознемирени и не можат да ги задржат солзите додека раскажуваат. Луѓето кои пред повеќе од една година ги гледавме на телевизија како се борат да се спасат, сега јавно раскажуваат кој како извадил „жива глава“.

Фросина Факова – Серафиновиќ