Тевдовски ја повика опозицијата да учествува во дебатата за буџетот

Дополнетиот предлог буџет за 2018 година утре е на пленарна седница. Министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека треба да има конструктивна дебата и оти би требало во неа да учествува и опозицијата.

– Би сакал да има конструктивна дебата бидејќи буџетот е  најсериозниот акт што се донесува во една година. Мислам дека за да имаме подобро функционирање на државата би требало и опозицијата за учествува и да дава критики и коментари за документот, изјави денеска министерот Тевдовски, одговорајќи на новинарско прашање пред првата седница на Советот за Советот за развој на македонскиот пазар на капитал.

Дополнетиот предлог буџет со вградените шест амандмани прифатени во расправата во прво читање во собраниските комисии и со амандмани од страна на Владата, беше доставен минатата недела по што беше закажана и пленарна седница на Собранието, но беше откажана и презакажана за 22-ри овој месец. ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува на седницата за буџетот.

Во Дополнетиот предлог буџет направени се зголемувања на финансиските средства за гасификација во висина од 120 милиони денари, кај блок дотациите за градинки, основни и средни училишта и културни установи за 200 милиони денари, кај Фондот за здравство за 100 милиони денари и кај Инспекторатот за животна средина за 10 милиони денари.

Вкупните приходи во Буџетот за 2018 година се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.