Тевдовски: Правиме се да се поддржи растот на платите

Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска оцени дека последните податоци на Државниот завод за статистика за раст на платите се показател оти владините мерки, како што е покачувањето на минималната плата, даваат резултати. 

– Платите во Македонија растат, просечната плата во март годинава е зголемена за 5,6 проценти во однос на март 2017 година. Исто така, ако се погледнат првите три месеци за годинава во споредба со првите три месеци од претходната година растот е 4,9 проценти. Тоа е, пред се, заради една од првите мерки што ги донесовме за зголемување на минималната плата која што доведе околу 90 илјади работници во Македонија да имаат зголемени плати, изјави Тевдовски.

За нас, дополни тој, е важно што зголемувањето на платите е предизвикано пред се од сериозниот раст кај работниците кои имаат најниски плати, во индустриите текстил, облека и кожа кои претходно неправедно имаа пониско ниво на минимална плата.

– Последниот извештај за платите покажува дека во овие три индустрии, за текстил, облека и кожа, растот на платите во март годинава во споредба со март претходната година се движи некаде помеѓу 15 и 21 процент, наведе Тевдовски.

Одговарајќи на новинарски прашања Тевдовски наведе дека  од аспект на Буџетот е важно што мерките се дизајнирани  да се гледа бруто платата, односно, потенцираше, фирмите си ги плаќаат придонесите, кои пак во првите месеци од годинава се зголемени за шест проценти. Тоа е добро  затоа што се полни и Фондот за пензиско  осигурување, а знаете дека од претходната Влада наследивме сериозен проблем со дефицитот на ПИОМ, наведе Тевдовски.

Во однос на ветувањата за плата со износ од 500 евра министерот наведе дека тоа е дел од програмата кој се однесува на крајот на мандатот. – Важно е дека платите во Македонија растат и се прави се да се поддржи тој раст бидејќи тоа е еден  од главните приорити, нагласи ресорниот министер.

Владата неодамна донесе мерка и за финансиска поддршка на покачувањето на платите во трудоинтензивните дејности. Исто така, преку мерките за поддршка на малите и средни претпријатија, како и активните мерки за вработување се очекуваат ефекти врз просечната плата во земјава.

Државниот завод за статистика вчера објави дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март годинава изнесува 23.694 денари и е за 5,6 отсто повисока во споредба со истиот месец лани. Просечната исплатена бруто-плата, пак, е 34.764 денари и е повисока за 5,3 отсто во споредба со март 2017 година.