Тевдовски: Напредокот во ЕУ интеграциите ќе го поттикне економскиот раст

Безусловната препорака на Европската комисија за Македонија да ги започне пристапните преговори ќе ја зголеми довербата на инвеститорите и ќе го поттикне економскиот раст, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Блумберг.
Во интервјуто министерот наведува дека како резултат на солидната приватна потрошувачка и високите стапки на извоз, годинава се очекува забрзување на растот на 3,2 процента, додека следната истиот ќе се зголеми на 3,5 проценти. Овие оценки го одразуваат зголеменото индустриско производство, кредитирањето и странските инвестиции, откако новата Влада стапи на власт пред 11 месеци, со што заврши најголемата политичка  криза од независноста на земјата, пишува Блумберг.
– Ставот на Комисијата дава силен импулс за понатамошните реформи и е добар сигнал за странските и домашните инвеститори. Ова ги потврдува позитивните ефекти од политичката стабилизација и добрите перспективи на земјата, вели во интервјуто Тевдовски.
Тој посочува дека најголемиот предизвик сега е да се искористи моменталниот позитивен политички и економски амбиент за понатамошен напредок и развој.
Во текстот Блумберг посочува дека првата промена на власта по 10 години ги подобрила релациите со ЕУ. Исто така, истакнуваат дека земјата работи на решавање на спорот со името со соседна Грција.
Тевдовски за Блумберг вели дека годинава  се очекува Македонија да го оствари планираниот буџетски дефицит од 2,7 проценти од БДП, како резултат на солидната наплата на даноците. Во рок од неколку години министерот за финансии очекува дефицитот да се намали на два процента од БДП.
Агенцијата пишува и дека Владата планира да ја спроведе даночната реформа, преку воведување прогресивен данок на доход со маргинална стапка од 18 проценти за оние кои остваруваат високи приходи, додека за останатите ќе остане 10 проценти. Ова, како што се наведува, ќе придонесе за зголемување на приходите за околу 0,4 проценти од БДП. Данокот на добивка нема да се менува и ќе остане 10 проценти, пишува Блумберг.
Министерот за финансии Драган Тевдoвски учествува на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд кои деновиве се одржуваат во Вашингтон.