Тевдовски: Граѓаните мора да сфатат колку е важно да се плаќаат даноците

Посериозен пристап на инспекциските контроли, целосно воведување пополнета даночна пријава од страна на УЈП до јануари 2019 година и подобар информатички систем за поефикасна наплата на даноците, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со вчерашните препораки на Светска банка, Тевдовски напомена дека граѓаните мора да сфатат колку е важно да се плаќаат даноците.

– Граѓаните мора да сфатат колку е важно да се плаќаат даноците. Без тоа не можеме да ги развиваме столбовите на општеството, образованието, здравството, истакна Тевдовски по завршниот настан за хармонизирање на македонското со европското законодавство за осигурување.

Според него, факт е дека Македонија изминатите години имаше една од послабите наплати на даноците во споредба со останатите земји во регионот.

– Правиме се тоа да го промениме. УЈП реализира голем проект со Холандија за надградба на софтвер, но ова е практично и политичка волја да притиснеме и даноците да се собираат како што треба, изјави министерот, додавајќи дека наплатата на даноците во октомври била на многу задоволително ниво во однос на претходниот период.

Предвидените реформи и измените на актуелните законски решенија, дополни министерот, ќе овозможат подобри услуги за граѓаните, но и подигнување на свеста за собирање на даноците.

Прашан за пензиите, Тевдовски информира дека со буџетот за 2018 година се предвидени 2,1 милијарда денари повеќе за нивно навремено исплаќање.

– Во буџетот овозможуваме и зголемување на пензиите согласно законот, односно усогласување со растот на цените на живот, подвлече министерот за финансии Драган Тевдовски.