„Театроск“ од Скопје награден на фестивалот „Сигет“

Здружението на граѓани „Театроск“ од Скопје за актот „Контрабас“ освои прво место од гласањето на публиката на интернационалниот натпревар за живи статуи кој беше дел од музичкиот фестивал „Сигет“ во Будимпешта.

– Со освојувањето на оваа награда се пласиравме директно на светското првенство за живи статуи за 2019 година кое ќе се одржува во Архем, Холандија, соопшти „Театроск“, единствено здружение во Македонија што се занимава со пантомима и живи статуи.


„Театроск“ е улична театарска продукција која работи уличен театар, улични промоции и настани со сличен карактер. Она по што „Театроск“ се препознава се пантомима и улични подвижни статуи како поединечни, така и во акт, т.е. слика.


Зборот „Театроск“ првпат се појави во 2010 година како дел од предлозите за името на независната театарска продукција која тогаш се оформуваше во рамките на Универзална сала во Скопје и го доби името „Театар од 2. кат“. „Театроск“ стана уличната театарска продукција која паралелно почна да работи заедно со „Театар од 2. кат“.

Основач и креативен двигател на овие две театарски продукции е првиот дипломиран македонски пантомимичар и театарски режисер Војо Цветановски.

www.instagram.com/martonkoncz/

Во истата таа 2010 година, „Театроск“ првпат се појавува на престижниот загрепски уличен фестивал „Cest Is D’ Best“, со што се отвораат вратите кон останатите европски престижни фестивали во наредните неколку години.

photo: [ Sandor Csudai ] . www.facebook.com/csudaisandor

Оттогаш „Театроск“ во наредните четири години редовно е присутен на неколку престижни европски фестивали. Она по што „Театроск“ е препознатлив како улична продукција се актовите во кои артистите влегуваат како статуи, т.е. влегуваат во уметничка слика, и оттука уметноста на „Театроск“ се здобива со епитетот улични изведувачи, а не само статуи.


Фестивалот „Сигет“ се одржува во срцето на Будимпешта на островот Обуда на реката Дунав. Тој претставува четврти по голема музичко-уметнички фестивал во Европа. Годинава прослави 26 години од неговото основање и го посетија повеќе од половина милион посетители.