Тајани: Не мислев никого да навредам, само ги спомнував мртвите

Претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани денеска посочи дека со завчерашната изјава немал намера да ги налути Хрватите и Словенците, туку сакал да се присети на мртвите и да испрати порака на мир.

„Да живее Трст, да живее италијанска Истра, да живее италијанска Далмација“, рече тој во говорот по повод Денот на сеќавање на жртвите на егзодусот од Истра, Риека и Далмација, одржан во италјанската месност Базовица. Со оваа изјава тој предизвика бурни реакции во Хрватска и Словенија.

– Моите зборови изречени во Базовица требаше да испратат порака на мир – да докажат дека благодарејќи на Европа, Италијанците, Словенците и Хрватите можат да живеат во мир, заедно, без граници и пречки, не размислувајќи за она што се случило во минатото. Некои моите зборови ги протолкувале како обид за територијален реваншизам – што апсолутно не беше моја намера. Само се потсетував, бидејќи сум Италијанец, на големиот број мртви кои останаа надвор од мојата држава ширум целиот свет по Втората светска војна, изјави Тајани пред хрватските новинари.

– Со тоа не мислев да ги навредам ниту Хрватите, ниту Словенците, ниту кој и да е друг. Само се присеќав на мртвите и бројните италијански семејства кои Втората светска војна ги обележа. Но, исто така, имам на ум дека жртви имаше не само од италијанска страна, туку и од Словенија, Хрватска…Жал ми е, немав никаква намера, жал ми е што некој ја интерпретирал мојата изјава како нешто непријателско и одмазничко, потенцираше Тајани.

На својата Фејсбук страница вчера Тајани објави и видео од настанот, наведувајќи дека оддава почит на паднатите жртви на омразата кон Италијанците, спроведени од „оние кои на униформите носеле црвена ѕвезда“ и дополни дека во Европскиот Парламент ќе потсети на „трагедијата поврзана со Истра“.

Тој рече дека Трст го симболизира националниот идентитет на Италијанците, кои таму многу страдале.

– На крајот, благодарејќи на вистината и правдата – победија и поради тоа денеска го славиме споменот на тие страшни години и се надевам дека никогаш нема да се повтори. Успеавме да избегнеме засекогаш да згасне светлото над настаните во Трст, рече Тајани. Тој дополни дека не смее да се дозволи во Венецуела, каде живеат многу Италијанци, да се повтори „комунистичка диктатура како онаа на Тито“.

Хрватскиот портал Индекс наведува дека идејата за италијанска Истра и Далмација била една од главните начела на италијанскиот фашизам од 20-те години на минатиот век. Индекс потсетува дека со таен Лондонски договор од 1915 година Италија се обврзала дека ќе војува на страната на Антантата, но за возврат побара голем дел од источнојадранскиот брег, кој тогаш бил дел од австроунгарската монархија, а по војната, во ноември 1918 година, италијанската војска окупирала голем дел од Далмација.

Две години подоцна, потпишан е Рапалскиот договор меѓу тогашното Кралство СХС и Италија, согласно кој на Италија и припаднале Трст, Горица, Градишка и дел од регионот Крањска, Истра, Задар, островите Црес и Лошињ, Ластово и Палагружа.

По Втората светска војна, партизаните ги ослободија Далмација и Истра. Изјавата предизвика бура од реакции во Хрватска и Словенија, каде беше посочено дека говорот на Тајани не наликувал на претседател на Европскиот парламент, туку на член на партија, кој е во предизборна кампања.