Тачи: Симболот на орелот не убива луѓе

Претседателот на Косово Хашим Тачи го оцени како емоционален, а не политички гестот со кој двајца швајцарски фудбалери од албанско потекло – ги наместија рацете во форма на двоглав орел, прославувајќи ги головите во натпреварот на Светското првенство против Србија, јави Танјуг.

– Тој симбол не е симбол што убива луѓе. Тоа не е симбол на напад против кого и да е. Тоа е симбол на птица. Затоа, Швајцарија нека лета кон успех, изјави Хашим Тачи пред новинарите во Брисел.

Косовскиот претседател оцени дека ФИФА не требало да донесе одлука врз основа на политички притисок.

Во петокот, на светското фудбалско првенство, фудбалерите од швајцарскиот тим Гранит Џака и Џердан Шаќири ги склопија рацете во форма на двоглав орел по победата над тимот на Србија.

Порталот „Политико” потсетува дека двоглавиот орел е традиционален симбол на албанскиот идентитет, а српски официјални претставници го окарактеризира овој гест како „политичка провокација”.

Поради симболот со рацете, вчера ФИФА изрече казни со предупредување и парична казна од 10.000 швајцарски франци за фудбалерите Џака и Шаќири.поради „неспортско однесување”.

По таа одлука на ФИФА, албанскиот премиер Еди Рама отвори сметка во една банка во Албанија и ги повика заинтересираните да донираат средства за да ја платат казната.

Во акцијата наречена „Не се плаши од орелот“, Рама ги повика Албанците да помогнат да се плати, како што рече, таа бесмислена казна.

„Ова е гест на благодарност за двајцата фудбалери за се што направија за милионите Албанци“, напиша Рама на Фејсбук.

Потегот на Рама е продолжение на кампањата за собирање пари за репрезентативците на Швајцарија со потекло од Косово, откако албанската дијаспора од Њујорк покрена акција за плаќање на казната.

На акцијата се придружи и косовскиот министер за трговија Бајрам Хасани, кој одлучи да донира 1.500 евра.

– Тие тоа го направија само затоашто не ги заборавиле своите корени. Парите се мала награда за радоста која Џака и Шаќири ни ја приредија кога своите голови ги прославија со орел, рече Хасани.

На акцијата за поддршка на двајцата фудбалери се придружија и поранешниот претседател на Хрватска Стипе Месиќ и поранешниот хрватски генерал Анте Готовина, кои на социјалните мрежи објавија свои фотографии со симболот на двоглавниот орел.