Тачи ги осуди заканите врз специјалниот обвинител, кој поднесе оставка

Косовскиот претседател Хашим Тачи ги осуди заканите врз обвинителот на Специјалното обвинителство на Косово, Елез Бљакај, кои, според медиумите, беа причина за неговата оставка од функцијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Владеењето на правото е темелот на една држава и на демократското општество и една од најзначајните карики во јакнењето на европската перспектива на нашата држава. Ги поддржувам силно нашите правни институции во нивната неуморна работа за јакнење на еден правен систем кој е функционален, транспарентен, одговорен и кој ужива целосна доверба од сите граѓани, напиша Тачи на Фејсбук.

Специјалниот обвинител Бљакај оставката, за која завчера го известил главниот обвинител на Специјалното обвинителство, ја поднел од САД, каде што отпатувал на специјалистички студии со поддршка на Американската амбасада во Приштина.

Неофицијално, причина за оставката се заканите кои му се упатиле откако покренал истрага или подигнал обвиненија за неколку случаи поврзани со тероризам и учество на косовски граѓани во војните во Ирак и во Сирија, како и за злоупотреби со листите на воени ветерани.

На оставката на Бљакај, со осуда на притисоците врз косовското судство, реагираа и други политички субјекти во земјата, како и амбасадата на САД во Приштина.