Таткото на Ева: Не ми дадоа да го лекувам детето како што сакам

Моето дете ништо не може да го врати. Јас собрав од донации 200.000 евра, но сега сè е залудно. Велам дека не е точно тоа што се кажува за обидот да ја лекуваме Ева во Германија со цел некој во оваа држава нешто да преземе. Со овие зборови Благојче Крстаноски, татко на 11-годишното девојче кое почина пред да замине во странство, одговори на сочувството што вчера јавно, од прес-конференцијата во Владата му го изразија Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) и министерот за здравство Венко Филипче.
– Треба да се направи сè за нашата трагедија да не му се случи на друго дете. Тие немаат чувство. Треба да се гледа најдобрата варијанта. Не е важно дали државата ќе потроши 100.000 евра помалку или повеќе ако спаси еден детски живот. Ние не сме единствен случај, има доста и ќе има. Јас се молам да бидат што помалку. Зборувам јавно зошто не сакам ова да се повтори и на друго дете – вели Крстаноски во разговорот за „Независен весник“.

Тој ги демантира тврдењата на Дончев дека немало понуда од германска клиника. Крстаноски тврди: и тој лично, и претставници на ФЗОМ пред него комуницирале со лекарот што требало да ја прими Ева во болницата „Гисен“ во Германија, а доставил и уште една профактура од болница во Диселдорф. Од „Гисен“, каде што Крстаноски сакаа да ја лекуваат Ева, во имејл-комуникација одредиле приближна сума за лекувањето. Не издале профактура оти целата сума немало да ја плати ФЗОМ, туку требало да се вклучи и семејството со парите собрани од донации. Фондот инсистирал да добие профактура за да ги испочитува законските прописи. Профактура испратила клиника од Диселдорф. Таа била 420.000 евра.
– Лично во мое присуство, од ФЗОМ му се јавија на професорот во „Гисен“ кој требаше да ја лекува Ева. Тој им ја објасни целата ситуација. Рече дека не може да се даде точна сума, дека тоа зависи од лекувањето, но во нормални услови би чинело од 200.000 до 300.000 евра. Тоа го испрати и во имејл. Им образложи дека имаат големо искуство со тој начин на лекување. Јас до Фондот го приложив тој имејл. Потоа повторно нè одбија и тоа со задоцнување од една недела. Нè излажаа дека има профактура од една клиника, а потоа испадна дека имало од три – од една од Италија и од уште една од Турција.
Дончев потврди дека ФЗОМ добил три понуди за лекување на Ева: од италијанската детска болница „Бамбино џезу“ на 158.000 евра, од турската „Медикал парк“ со 92.000 евра. Тоа е онаа болница со која минатите години ФЗОМ интензивно соработуваше, соработка проследена со сомнежи дека некој земал провизии за да ги праќа македонските пациенти таму. Клиниката „Газиошман паша“ во Истанбул, која ФЗО ја одобрил, ќе ја лекувала Ева за 145.000 евра.

Профактура од Клиниката во Дизелдорф на 420.000 евра

– Од Клиниката во Диселдорф имаше профактура, ИБАН, СВИФТ-код (кодови потребни за уплата на пари). Докторот во имејлот напиша: „Платете ги средствата и дојдете веднаш“. Со таа профактура отидов повторно во ФЗОМ. Кога тие ја видоа 420.000 евра, никако не изреагираа, ништо не рекоа -раскажува Крстаноски.
Со тие понуди од Германија тој отворил донациски броеви во „Телеком“ и „Оне.Вип“. Операторите не дозволуваат да се отвори број доколку клиниката не потврди колку би чинело лекувањето.

На вчерашната прес-конференција Дончев рече дека до Фондот не стигнала ниту една понуда од болница во Германија.
– Понуда никогаш не добивме од болницата во „Гисен“. Најстрого ги демантираме сите шпекулации во јавноста дека лекувањето во Германија чинело 200.000 евра. Од друга страна, прифатената понуда за лекувањето во болницата „Гази Осман Паша“, од 145.000 евра и одобрените трошоци за санитетски авион го опфаќаше целокупното време од 150 дена. ФЗОМ има документи за секој чекор од постапката и јавно и транспарентно стоиме на располагање. Сите законски процедури беа целосно запазени и почитувани во овој случај, посебно затоа што се работеше за дете со висока итност за лекување и многу тешка здравствена состојба. За жал трагедијата не успеавме да ја избегнеме – рече Дончев.

Рамка:
Благојче Крстаноски: Три деца што ги пратија во Турција не се вратија назад
Таткото на Ева смета дека државата во ниту еден случај не постапила правилно при лекувањето на Ева: од третманот со хемотерапиите овде, до носењето на одлуката за одење во странство.
– Ако постапеа правилно, Ева сега ќе беше жива и ќе беше излекувана. И покрај тоа што нејзината болест се врати повторно, таа имаше шанса да се бори и да се излечи. Државата и Фондот не ни дозволија да ја лечам како што сакам – вели тој.
Одговара и зошто одбивале да ја пратат Ева во Турција и мобилизирале роднини и пријатели од цел свет да се соберат донации.
– Уште пред да биде донесена одлуката на Фондот, разбрав дека секако ќе ја изберат Турција. Разбрав дека имале некој договор со турски клиники и затоа таму цената била пониска. Им реков да не нè праќаат таму, оти сите протоколи за лекување малигни болести се од Германија. Ниту еден протокол не од Турција. Реков: Ако не одиме во Германија, ќе одиме во Италија“. Но никако во Турција. Три деца што јас ги знам претходно ги испратија во Турција не се вратија назад. Како да го пратам моето дете таму? Да се тие на мое место, ќе го пратат нивното дете? Или ќе го пратат во Германија, каде се сите протоколи за лечење и најнови лекови? – вели таткото на Ева.
Разговоро со него можете да го чуете овде:
 

С.С.З.