Тарчуловски: Ако гласам за уставни измени, нека бидам убиен

Дваесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со изјави на своите официјални фејсбук-профили се изјаснија дека нема да гласаат за уставните промени предвидени со спогодбата со Грција за промена на името на државата. Меѓу нив е и пратеникот Јохан Тарчуловски.

„Јас, Јохан Тарчуловски, член на навивачката група Комити, член на ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното создавање, бранител во 2001, обвинет за 27 април, се колнам во Бога, во верата и во својата татковина Македонија дека ќе го штитам Уставот, дека НИКОГАШ нема да гласам за негово менување и ќе ги извршувам заповедите на македонскиот народ. Во спротивен случај, нека бидам убиен од еден од моите собраќа Македонци со револверот или камата што овде ги целивам“, напиша Тарчуловски на Фејсбук.

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и се придружи и на групата што ќе го бојкотира референдумот.

„Совеста не ми дозволува да излезам на референдум кој е длабоко манипулативен“, напиша Вељаноски на социјалните мрежи.

Серијата постови на пратениците на опозицијата доаѓаа непосредно по изјавата на лидерот Мицкоски во која најави дека ако референдумот биде успешен, неговата партија ќе ја почитува волјата на граѓаните. Извори од опозицијата брифираат дека нема поделеност меѓу раководството и пратеничката група.

„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ што на своите профили на социјалните мрежи напишаа дека нема да поддржат уставни измени не се противат на ставот на партискиот претседател Христијан Мицкоски, туку само го пренесуваат расположението на народот“, одговори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.