Тамара за „Независен“: Го живеам врвот на својот живот

Поп-ѕвездата Тамара Тодевска (33) е актуелна како македонски претставник на „Евросонг“ кој се одржува од 14 до 18 мај во Тел Авив, Израел. Евровизиската „Горда“ (Proud) стана омилена во македонската јавност, но и спотот, пак со ќерка ѝ Хана, во кој гостуваат повеќе силни жени, нејзини пријателки и соработнички, исто така, собира само позитивни коментари. Автори на песната се Дарко Димитров, Лазар Цветкоски, Роберт Билбилов, а на текстот Коста Петров со неговата сопруга Сања Поповска.

Со моќен глас и безвременски хитови, ноншалантно и опуштено однесување, Тамара е омилен лик од естрадата. Преку ноќ стана сериозна откако се омажи и роди две деца, но нејзината енергија и присутност на социјалните мрежи и понатаму се заразни.

Во ексклузивно интервју за „Независен весник“ Тамара откри за подготовките за „Евросонг“, за семејството и за понатамошните планови.

Годинава ќе биде твое четврто учество на „Евросонг“, но прво како солист. Првпат беше придружен вокал на Тоше Проески, во 2004 година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008 година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“ и како придружен вокал на Тијана, беше и на евровизискиот натпревар во 2014 година во Копенхаген… Што го прави уникатен и толку престижен фестивалот?

-Навистина е огромна чест. Со над 150 милиони гледачи ширум светот, „Евровизија“ е најгледаното телевизиско шоу во светот и наша шанса да му покажеме на светот што знаеме и што умееме. Годинава, ексклузивност на настанот му дава и една од водителките, светски познатата израелска манекенка и фотомоделка Бар Рафаели (позната како ексдевојка на Леонардо ди Каприо). Таа ќе го води „Евросонг“ заедно со Ерез Тал, Аси Азар и Луси Ајуб. Организаторите го најавуваат и доаѓањето на Мадона, како специјална гостинка на „Евровизија 2019“.

Зошто одлучивте песната да се пее на англиски?

-Најважно од сè ни беше да имаме добра песна. Добивме стотици одлични композиции од автори од земјава и светот, но по првото слушање на „Proud“, веднаш знаев дека тоа е песната што сакам да ја пеам во Израел.

-„Горда“ (Proud) е повеќе од песна. Тоа е повик до сите да веруваат во себе и својата големина и да не се откажуваат од сопствените соништа. Со песната сакаме да ги инспирираме луѓето да се гордеат со себе и да го живеат животот според сопствени правила. Токму поради ова решивме дека пораката ќе продре до најмногу луѓе ако песната ја пееме на англиски и мислам дека ја донесовме вистинската одлука.

Имаме моќна балада, моќен вокал, спотот, исто така, доби пофални зборови. Дали ќе имаме и моќна кореографија, ако досега добивавме критики за нашиот настап?

-Она што можам да го кажам во овој момент е дека имаме одличен тим, составен од професионалци од Македонија и од светот и деноноќно работиме да се претставиме во најдобро можно светло. Сигурна сум дека сите ќе се гордеат со тоа што ќе го покажеме на 16 мај на второто полуфинале на Песната за Евровизија.

Кој ќе се погрижи за твојот стајлинг во Тел Авив? Како ќе изгледаш на сцената?

-За мојот стајлинг ќе биде задолжен Александар Ношпал. Во моментов заедно со тимот од Шведска што работи на нашиот настап го осмислуваат мојот стајлинг.

Како се подготвуваш за „Евросонг“?

– Среќна сум што имам одличен тим покрај себе. Верувам дека човек ништо не може сам да постигне во животот. Благодарение на нив и нивната посветеност, оваа година моја главна задача е да ја испеам песната најдобро што можам и се разбира, тоа и ќе го направам.

Кој ќе ти даде поддршка на „Евросонг“?

-Поддршката ја чувствувам насекаде, особено по излегувањето на песната. Ќе дадам сè од себе за да ја претставам нашата земја во најдобро светло и сигурна сум дека на 16 мај сите ќе се гордееме со тоа што ќе го презентираме.

Многу твои пријателки, успешни жени ги вклучи во спотот „Горда“. Кои жени се твоја инспирација и кое е најсилното оружје на жената денес?

-Јас сиот мој живот сум опкружена со успешни жени. Се гордеам со мојата мајка што секогаш била покрај мене и верувала во мене и тогаш кога ни самата не сум верувала во себе. Се гордеам со мојата сестра и со моите пријателки бидејќи секојдневно ме учат да бидам подобар човек. Се гордеам со сите жени што не ја кријат својата големина и го живеат животот според сопствени правила. Нашето време допрва доаѓа.

Главна ѕвезда на евровизискиот спот е твојата тригодишна ќерка Хана. Дали од сега пројавува музички талент или е уште рано?

-Сите што ме знаат од дете, велат дека Хана е мала Тамара. Веќе ги знае сите мои песни и секојдневно ги пее. Моја должност како родител е да ја поддржам во тоа што сака да го прави, а одлуката за тоа ќе ја оставам на неа.

Што е за тебе врв на кариерата?

-Јас го живеам врвот на својот живот. Имам прекрасен сопруг и две прекрасни деца кои се центарот на мојот живот. Имам семејство кое е секогаш покрај мене и фанови на кои бескрајно сум им благодарна што секојдневно го прават мојот сон моја реалност.

Кои се твоите музички планови по „Евросонг“?

-Во моментов мојот главен фокус е „Евровизија“. Веднаш по завршувањето на фестивалот, подготвувам неколку нови песни и се разбира, уште многу настапи и дружења со моите фанови.

Лејла Сабит