СЈО цели кон Бучковски, тој тврди митаџии нема

Специјалното јавно обвинителство на судењето за „Маѓар телеком“ го обелодени неофицијалниот документ, нон пејпер, кој потврдува дека поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот министер од редовите на ДУИ, Муса Џафери зеле 7,5 милиони евра за да го одложат воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија.

Овој документ беше цитиран пред јавноста додека обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, му поставуваше прашања на поранешниот министер за транспорт и врски, Џемали Мехази, кој беше повикан како сведок.

„Дали знаете дека 2,5 милиони евра, според неформалниот документ, требало да бидат исплатени на претставникот на страната А, Владата претставена од Бучковски и 5 милиони евра на „пријателите од Тетово”, А. А. и М. Џ., праша Стефанова. Но, Мехази на вчерашното рочиште не се сеќаваше речиси на ништо, иако тој го потпишал протоколот за соработка меѓу македонската влада и „Македонски телеком“ како ресорен министер.

„За вакви чекори првпат слушам. Никогаш немам слушнато дека постои таков договор, ниту дека е преговарано за такво нешто“, рече сведокот.

„Како што претходно имам изјавено, јас не сум бил дел од влада кога е срочен овој документ, туку само кога требало да го потпишам протоколот за соработка во својство на ресорен министер за транспорт и врски. Овој документ не го имав на увид кога реков дека не се сеќавам, но сега го видов. Тогаш ми беше кажано дека треба да го потпишам бидејќи како влада сме акционери во тогашниот „Македонски телеком“, изјави Мехази.

Прашан дали е потписот негов и дали тоа е протоколот што го потпишал, сведокот рече дека поминало многу време и не се сеќава на содржината, а потписот треба да е негов.

„Долго време помина и колку што се сеќавам од содржината сум ја прочитал. Потписот треба да е мој, меѓутоа не знам ни кога сум го потпишал, ниту каде е истиот чуван“, изјави сведокот.

Со обелоденувањето на овој документ и со тоа што како сведок идната недела на 27 март во судот е повикан Слободан Богоески, кој во сведочење пред американските власти за прв пат ги спомена имињата на тројцата политичари кои наводно зеле мито, СЈО дава сигнали дека цели кон Бучковски. Обвинителката Лиле Стефанова вели дека овие лица се предмет на предистрага и не може да споделува информации за нив.
Поранешниот премиер Бучковски го следи овој случај, а предметот го нарекува „удбашко сталинистичка манипулација од кујната на поранешниот разузнавач“, Богоески. Во изјава за „Независен“ вели дека СЈО го злоупотребува случајот за да ги подобри шансите за неговиот финален статус што сега се решава.

„Денеска според мене паднаа маските. Документот што го покажала обвинителката Стефанова јас го имав во свои раце кога сведочев пред Комисијата од хартии во вредност во Вашингтон во февруари 2014 година. Документ искуцан на бел лист хартија без потписи и иницијали. Тоа е удбашко сталинистичка манипулација. Жалам што СЈО се користи со такви методи. Митаџии нема“, тврди Бучковски.

Поранешниот премиер го чека сведочењето на Богоески и најавува кривична пријава против него за давање лажен исказ.

„Треба да прекине во Македонија ловот на вештерки. Да имаше такво нешто и во Њујорк ќе пресудеа, немаше да прават спогодби. Спогодбите во Њујорк се смешни. Толку е дневницата на еден од адвокатите, затоа што сфатија дека нема никаков доказ. Сведочењето на Богоески го отсликува неговиот карактер, удбаш и сталинист кој гази преку трупови за свои интереси. Таму нема ништо. Нон пејпер не постои, овој документ не само што нема правно дејство, нема потпис, нема ништо, нон пејперот е создаден од кујните на Богоески“, вели Бучковски.

Според него овој случај нема никаква допирна точка со прислушуваните разговори.

„Ова се користи наменски во пресрет на решавањето на финалниот статус на СЈО. Јас сум непријатно изненаден од непрофесионалноста на обвинителката. Нејзиното однесување е скандалозно. Ние во правото го учиме тоа во прва година. Зборува за четворица директори кои се обвинети, какви прашања за нон пејпери, какви прашања за други, сконцентрирај се на тоа што е таму“, порачува Бучковски.

Скопското обвинителство долго време не му го даваше на СЈО предметот „Маѓар телеком“ со образложение дека не се поврзани ниту, пак, произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Специјалното јавно обвинителство го презеде овој случај по 30 јуни 2017 година и со оглед на тоа што е преземен по спорниот рок, неизвесно е дали тој ќе преживее пред Врховниот суд и што ќе се случи со него во зависност од тоа како партиите ќе го решат статусот на СЈО.
Во Македонија за овој случај беа поднесени кривични пријави против четворица странски државјани уште во декември 2008 година, неколку години пред Американците да го сторат тоа. Обвинети беа генералниот директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреј, финансискиот директор Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус.

Фросина Факова – Серафиновиќ