СЈО пред одлука за лажните патарини на Бонева

Истрагата за предметот на СЈО со кодно име „Друмарина“, во кој е осомничена експратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, е во финална фаза, стои во најновиот шестмесечен извештај на СЈО.
„Предметот заведен под НСК-КО бр.19/17 се наоѓа во фаза на истражна постапка. Во текот на извештајниот период, преземени се голем број на истражни дејствија, односно испитани се сведоци, поднесени се повеќе барања до различни институции по кои се доставени бараните податоци. Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите донесе Решение НСК-КО бр.19/17 од 22.10.2018 година со кое воспостави стварна надлежност на предметот РО.бр.1590/18 на Основно јавно обвинителство Скопје, како и Решение НСК-КО бр.19/17 од 25.12.2018 година со кое воспостави стварна надлежност на предметот РО.бр.3043/18 на Основно јавно обвинителство Скопје. Предметот се наоѓа во финална фаза, па по завршување на истражната постапка, ќе се донесе јавнообвинителска одлука“, велат од СЈО.
Во извештајот меѓудругото е наведено и дека Апелациониот суд донел одлука да ја уважи жалбата на пратеникот Илија Димовски и да му ја укине мерката на претпазливост.
„Постапувајќи по жалбата на обвинетиот Илија Димовски, Апелациониот суд на нејавна седница одржана на ден 19.10.2018 година донесе решение КСЖ-636/18 со кое жалбата на обвинетиот Илија Димовски изјавена лично, се уважува со што мерката претпазливост – привремено одземање на патна исправа се укинува, а на обвинетиот Илија Димовски му се враќаат одземените патни исправи“, соопштија од СЈО.
Димовски е обвинет во предметите „Титаник“ за изборни измами и „Талир“ каде е обвинет за кривично дело „перење пари“.

Во изминатите шест месеци за предметот „Попис“, кој е во истражна постапка, пак, биле испитани повеќе сведоци. „Во насока на утврдување на вкупниот износ на парични средства кои се издвоени од буџетот за спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во 2011 година, ова Јавно обвинителство на ден 25.01.2019 година донесе наредба за економско вештачење кое сѐ уште не е изготвено“, велат од СЈО.
„Попис“ се однесува за основано сомневање за злоупотреба на своите овластувања на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети, кои во 2011 година се договориле да го одложат спроведувањето на веќе почнатиот попис.