Сузана Вренцовска: Успешно 58. „Охридско лето“

-Патот кој го зацртавме на самиот почеток  на фестивалот „Охридско лето“ успешно го изодевме. Реализиравме богата уметничка програма без ниту едно откажување, се покажавме како добри домаќини пред околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот, истакна денеска на завршната прес-конференција посветена на 58-то Охридско лето директорката на оваа Национална  установа, Сузана Вренцовска.

Таа додаде дека благодарение на  поддршката и заложбите на Министерството за култура на Република Македонија, Општина Охрид, како и помошта од верните спонзори и пријатели на фестивалот,  публиката уживаше во неповторливи настапи на врвни уметници од светот на музиката и театарот.

-На наше задоволство, на сите уметници, независно дали се домашни или меѓународни, им понудивме исти услови и обезбедивме соодветен третман, достоен на врвните уметнички имиња учесници  на фестивалот Охридско лето. Секоја вечер, секој настан се одржуваше пред полни трибини, задоволна публика, во знакот на  беспрекорна сценско-техничка организација.Со домаќинско работење и строго наменско трошење на средствата но и редовно сервисирање на обврските, годинешново фестивалско издание го завршивме со позитивно финансиско салдо. Тоа ми дава за право да речам, „Охридско лето“ 2018 е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот, изјави Вренцовска.

Како што нагласи директорката, според статистиката, годинава се бележи и зголемување на продажбата на билети, а он-лајн  билети се купуваа од бројни земји од светот.

Подготовките  за 58-то издание, според неа,  беа завршени уште пред самиот почеток на фестивалот. Во соработка со Општина Охрид и општинските јавни претпријатија се санира гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи. Започна и постапката  за реконструкција на сцената Долни Сарај, по проект финансиски поддржан од Министерството за култура вреден 1,4 милиони денари.

-За следната година во програмата за инвестиции за 2019 година аплициравме со проект монтажно гледалиште и монтажна сцена. Фестивал како што е „Охридско лето“ заслужува да ги има сите неоходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се поставуваат на бројни места низ градот каде има услови за тоа, најави директорката на НУ „Охридско лето“ Сузана Вренцовска, додавајќи дека и натаму ќе ја застапува иницијативата за концертна сала  во Охрид со чија изградба фестивалските настапи во иднина нема да зависат од временските прилики.

Селекторот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Александар Поповски најави дека подготовките за следното фестивалско издание започнуваат веднаш по завршувањето на годинешното издание.

-Охридско лето е еден фантастичен фестивал. Сум го сакал порано, а сега првпат имам можност да учествувам од другата страна на фестивалот и мислам дека допрва следат работи кои можат да го направат уште подобар. Како селектор ги гледам можностите што овој фестивал ги има и што семоже да се направи. На едно место во месец и половина да собереш таква елита на уметници од толку многу земји е голема предност како за Охрид, така и за цела Македонија. Она што го видов и она на што ќе инсистирам за следната година е  домашната продукција на претстави. Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин овој фестивал. Кога јас студирав , главниот момент во сезоната доаѓаше на „Охридско лето“ каде што беа главните претстави, а потоа претставите започнуваа да играат на редовниот репертоар. Ќе инсистирам сите претстави да се играат на отворено и на нови простори, рече Поповски.

Една од идеите, како што најави Поповски, е фестивалот „Охридско лето“ да има своја продукција како што има фестивалот во Дубровник.

-„Охридско лето“ мора да има една претстава во сопствена продукција. Тоа ќе го направиме следната година, додаде селекторот на драмската програма Александар  Поповски, на завршната прес-конференција на фестивалот.

„Охридско лето“  како дел од Европската  Асоцијација на фестивали се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија а под покровителство на Претседателот на државата д-р Ѓорге Иванов.

Фестивалската завеса утре ќе биде спуштена на Античкиот театар со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Словенечки народен театар СНГ Драма Љубљана,Цанкариев дом и  Градски театар од Словенија.