Судот ја забрани книгата на Стојан Андов во која го обвинува Фрчкоски за вмешаност во атентатот на Глигоров

Основниот суд Скопје 2 донесе решение за привремена мерка со кое забрани продажба и располагање на книгата на Стојан Андов со наслов ,,До атентатот и по него“ во која тој имплицира вмешаност во атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров на Љубомир Фрчкоски поради повреда на личните права на тужителот Фрчкоски.
Адвокатката Ирена Фрчкоска, во изјава за „Либертас“ потврди дека судот донел вакво решение и изрекол забрана за понатамошна продажба и располагање со спорната книга на Андов, по поднесена тужба за содржани клевети кон тужителот, како и предлог за времена мерка.
-Имено, книгата содржи шокантно клеветничка содржина, од најексплицитен вид досега напишана, со која е извршена тешка повреда на личните права на тужителот, повреда на неговиот чест и углед како граѓанин. Сметаме дека штетата е веќе направена со самото објавување на книгата, нејзино пренесување и промовирање во јавноста, но на овој начин тужителот ќе добие морална сатисфакција, за делумно да се намали нанесената штета – вели Фрчкоска во изјава за „Либертас“.
Ова е прва одлука кај нас со која се забранува понатамошна продажба и користење на книгата и само ваква одлука во конкретниот случај е правилна и сосема основана и има за цел да ги намали последиците кои настанаа од нејзиното објавување, смета Фрчкоска.
-Ова е неверојатна работа, од новинарите слушнав дека книгата по наредба на судот е забранета за продажба. Ова прв пат се случува кај нас, апсурдно е. Кај нас се продаваат секакви книги, а мојата ја забрануваат. Не знам што друго да кажам освен дека е голем преседан и бесмислица, изјави Андов за „Фокус“.
Решението на судот се однeсува на сите кои вршат продажба на книгата, располагаат со неа и ја нудат на користење како библиотеки, книжарници, издавачки куќи и друго.