Судењето за „Тотал“ одложено за 3 октомври

Судењето за предметот „Тотал“ на Специјалното јавно обвинителство се одложува за 3 октомври поради настаната промена на сопственичката структура на правното лице „Медијамакс“, кое заедно со новинарот Драган Павловиќ Латас и правните лица „Тотал маркетинг“ и „Тотал медиа центар“ се теретат за затајување на данок.

Пред почетокот на денешното рочиште, адвокатот претставник на „Медијамакс“ го извести судот дека настанала промена во сопственоста на правното лице и му престанува полномошното и неговите овластувања како бранител на друштвото во судскиот процес. Предложи денешната расправа да се одложи и судот да испрати известување до новиот застапник на друштвото.

Судијката Славица Наумова Јосифовска, кажа дека не се исполнети условите за одржување на денешната расправа, и судењето се одложува за 3 октомври, за кога треба да биде известен и запознаен новиот застапник на правното лице.

На денешното рочиште присутен беше првообвинетиот Драган Павловиќ Латас кој се терети за затајување на данок во висина од 121.414 евра преку правните лица „Тотал маркетинг“, „Тотал медиа центар“ и „Медиамакс“ и 63.032 евра како физичко лице.

Досега на рочиштето за предметот „Тотал“ беа презентирани 16 од вкупно 39 преслушани снимени аудио разговори од 2011 година предложени од СЈО.