Судења во ист термин, адвокатите гневни на Јанева и на Кацарска

„Госпоѓо Јанкулоска, имате пет минути да дојде барем еден од двајцата ваши адвокати. Доколку не дојде ниту еден, ќе им изречам висока парична казна, а вам ќе ви одредам адвокат по службена должност. За денес имам повикано шест сведоци, сите се тука, нема теорија да дојде до одложување. Ќе ги испрашам, па макар ве брани адвокат што ќе го одреди судот. Никој нема да си поигрува со судот. Повелете, јавете им се на адвокатите“, ѝ се закани вчера судијката Добрила Кацарска на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на која одвоено ѝ се суди за набавка на луксузниот „мерцедес“.
Почетокот на рочиштето веќе доцнеше петнаесетина минути од закажаниот термин, а Јанкулоска седеше сама на обвинителното столче. Набргу, во судницата влегоа двајцата нејзини адвокати: Сања Алексиќ и Боро Тасевски. Обајцата беа ангажирани во други предмети што ги води специјалното јавно обвинителство, а кои беа закажани во исто време. Тасевски му е адвокат на експремиерот Никола Груевски во „Шамарите во Центар“, а Алексиќ во истиот предмет ја брани пратеничката Даниела Рангелова. Само половина час претходно, Тасевски и Груевски не се појавија во Апелацискиот суд каде што имаат поднесено жалба за предметот „Тенк“, па јавната расправа беше одложена за денес.
„Со оглед дека не се дозволува одложување на рочишта кои се поклопуваат, а јас од физички причини не сум во состојба да присуствувам, писмено ќе го известам Судот и најверојатно ќе го повлечам моето полномошно“, рече Тасевски пред судечкиот совет со кој раководи Кацарска.
Тој завчера беше казнет со илјада евра од судијата Огнен Ставрев, затоа што не се појави на рочиштето за уривањето на комплексот „Космос“, каде што му е бранител на ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Јакимовски, па судењето беше одложено.
„Барањето за поголема динамика на предметите од страна на специјалната обвинителка Катица Јанева е насочено кон кршење на основните права на обвинетите и на бранителите во постапките што ги води ова обвинителство. Еве, вчера, на пример, Груевски мораше да присуствува на рочиштето за предметот ‘Општина Центар’, а во исто време беше закажана и јавна седница пред Апелацискиот суд по неговата жалба во предметот ‘Тенк’. Груевски избра да присуствува на судењето за ‘Насилство во Центар’, а ние како бранители можеме да бидеме казнети доколку предизвикаме одложување на вакво рочиште“, вели Тасевски.
Според него, ова е прекршување на правата на обвинетите и бранителите да формираат сериозна и ефективна одбрана во овие предмети нагласувајќи дека не може одбраната да се изнесува во трчање, туку дека е потребна подготовка за рочиштата. Одговарајќи на прашање дали обвинетите намерно ангажираат едни исти адвокати со цел да се одолжуваат и одложуваат рочиштата, Тасевски рече дека нема таква намера и дека досега такво нешто не се случувало, туку тоа се случува сега, откако почнува да се преклопуваат предметите.
„Досега ваква ситуација, со преклопување на термини на бранителите, немаше или, пак, доколку имаше – беа инцидентни и лесно се решаваше“, нагласува Тасевски.
Од друга страна, се поставува прашањето колку адвокатот, кој е ангажиран во неколку предмети, има време да подготви квалитетна одбрана и да ги заштити интересите на клиентите што го плаќаат.
„Тоа е можно и досега се случуваше, тоа го потврдуваат и клиентите со кои сум соработувал. Ова сега што го прави СЈО и судот е ситуација што трае две години. Се закажуваат рочишта во ист термин, во ист ден и тоа повеќе, па доаѓа до преклопување. И тоа, внимавајте, зборуваме за предмети што не се приоритетни и не се притворски. Сметам дека тоа се прави од политички побуди. Принудени сме да им го откажуваме полномоштвото на обвинетите“, вели Тасевски за „Независен весник“.
Неговиот колега Асмир Алиспахиќ вели дека за адвокат, кој учествувал во многу сложени процеси, е исклучително тешко и напорно во краток период да подготви стручна одбрана, особено доколку предметот е сложен.
„Зборуваме за адвокати, полесно им е на адвокатските канцеларии каде што има неколку вработени, па ги делат обврските. Но, и во такви случаи, клиентите најчесто бараат водечкиот адвокат лично да ги брани. Не мислам дека обвинетите во неколку предмети намерно избираат еден ист адвокат за потоа да дојде до одложување на рочиштата. Тоа е нивно лично право кого ќе одберат, секој сака најдобро за себе. Што се однесува до преклопувањето на термините за судење, на што се жалат моите колеги, јас сакам да бидам легалист и да ги оставам судот и судиите сами да ја одредуваат динамиката и деновите во кои ќе има рочиште, но сепак треба да има подобра координација за да не се случи еден обвинет со својот тим да во исто време да има закажено две или повеќе судења“, нагласува Алиспахиќ.
Во средата, специјалната обвинителка Катица Јанева го критикуваше судот за неажурноста и побара рочиштата за предметите на нејзиното обвинителство да бидат закажувани почесто. Како пример ги наведе настаните на 27 април, за кои веќе се закажани педесетина рочишта, а од друга страна, во септември е закажано само едно рочиште за предметот „Титаник“. Во последниот извештај на ЕУ за Македонија од април годинава, беше забележано дека земјата усвоила веродостојна нова стратегија за судски реформи, а СЈО се соочува со помалку опструкции во судовите,што овозможува поефикасно работење, но судски процеси за висока корупција и натаму нема.
„Постои законска и институционална рамка, како и евиденција за превенција и гонење, но конечните судски одлуки за случаи на корупција на високо ниво и понатаму се ограничени“, нотираа уште еднаш меѓународните партнери.
 Кривичен суд: Судиите ги почитуваат првата на странките
Кривичниот суд одговори на обвинувањата за пречесто закажување на судењата и за одолговлекување на одредени предмети тврдејќи дека судиите во целост ги почитуваат првата на странките, во овие така и во сите други предмети.
„Со крајни напори се прават прецизни и усогласени распореди на закажување на главните расправи се со цел да се овозможи доволно време на обвинетите и нивните бранители квалитетно да ја подготват својата одбрана, доследно да се почитува принципот на еднаквост на оружјата и правото на судење во разумен рок“, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
Оттаму посочуваат дека не може да се занемари фактот дека дел од обвинетите лица, според поднесените обвинителни акти на СЈО, се јавуваат како обвинети во повеќе предмети, а само еден од обвинетите е опфатен во пет различни предмети и во таа смисла не може да се закажува главна расправа во ист ден.
„Дополнителен проблем е што поголем дел од обвинетите имаат по двајца или повеќе бранители, па затоа при закажување на расправите се внимава на судењето да биде присутен барем еден од бранителите кои ги застапуваат обвинетите“, нагласуваат од Судот.
Во однос на наводите дека за одредени предмети на СЈО не се насрочуваат доволно расправи, од Кривичниот суд напоменуваат дека само во текот на септември 2018 година, од 20 работни дена, во 19 од нив се насрочени расправи за 16 различни предмети по кои постапува СЈО, а воедно термините се усогласени како би се овозможиле доволно време на одбраната да се подготви.
„Вреди да се напомене дека од декември минатата година до денеска изречени се и четири пресуди по предметите на СЈО, што е евидентен показател дека нема никаков застој во динамиката на постапување“, се наведува во соопштението од Судот.
Горан Адамовски