Сугарески: Следната година изградба на железничката делница Бељаковце-Крива Паланка

Следната година треба да почне изградбата на втората железничка делница на пругата кон Бугарија, на потегот од  Бељаковце до Крива Паланка, во должина од 34 километри, откако вчера официјално беше одобрен грант од 68,6 милиони евра од Европската унија.

– Она што го најавивме пред неколку месеци при посетата на Трст ќе биде реализирано. Македонија ќе добие грант од 68,6 милиони евра за изградба на втората делница од железницата кон Бугарија од Белјаковце-Крива Паланка. Проектната документација е завршена, објавена е тендерска постапка која треба да заврши и во 2018 година  треба да почне изградба на оваа железница, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Проектираниот рок за изградба на втората делница е крајот на 2021 година. За нејзино финансирање Македонија доби заем од Европската банка за обнова и развој, во висина од 145 милиони евра. Износот на заемот се намалува со обезбедениот грант од 68,6 милиони евра на Самитот во Трст.

За пругата кон Бугарија на терен има активности за првата делница во должина од 30,8 километри и за неа се обезбедени 43,5 милиони евра. Реализирани се 25 проценти од градежните работи. За третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, долга 24 километри, се уште се подготвува проектната документација. По нејзиното завршување ќе се знае точната сума за изградбата која што ќе се обезбедува од европските фондови и банки. Вредноста за изградба првично е проценета на 350 милиони евра. Досега преку Оперативата ИПА програма 2014-2020 се обезбедени 60 милиони евра. Крајниот најавен рок за изградба на пругата е 2025 година.

За изградбата на железницата но и за останатите инфраструктурни проекти, според Сугарески, значајно е и официјалното зачленување на Македонија во транспортната заедница. Предлогот за ратификација на Договорот за транспортна заедница денеска помина во собраниската Комисија за надворешна политика, а Сугарески очекува да биде прифатена од Собранието и во наредните денови Македонија.

Членството во Транспортната заедница, укажува Сугарески, е исклучително важно. Државата повеќе неема да биде набљудувач, туку  станува редовен член во министерскиот совет.