Сугарески очекува пругата Битола-Кременица да биде изградена во ноември годинава
За половина година се очекува да заврши изградбата на пругата Битола-Кременица со која се овозможува железничко поврзување меѓу Македонија и Грција.
Пругата е во должина од 16 километри, а инвестицијата изнесува 17,2 милиони евра, од кои шест милиони евра од ИПА фондовите, а 11,2 милиони евра од Буџетот на РМ.
– Очекувам до крајот на ноември овој проект целосно да биде завршен, со цел да овозможиме поврзување на пелагонискиот регион до солунското пристаниште, да го зајакнеме економскиот капацитет на регионот, поврзување со индустриската зона „Жабени“ и други олеснувања за транспорт на стоки и услуги, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид на градежните работи на терен.
Сугарески вели дека Владата е сериозно посветена на железничкото поврзување на Коридорот 8, се работи на пругата од Куманово до Бељаковце, обезбедена е проектна документација и финансиски средства за делот од Бељаковце до Крива Паланка, а завршена е и проектната документација за пругата до граничниот премин со Република Бугарија.
– Во наредниот период планираме да бидат обезбедени над милијарда евра, средства кои ќе бидат искористени за подобрување на железничкиот систем во Република Македонија. Очекувам изведувачите да ги испочитуваат роковите и да ја запазат динамиката на сите градежни работи. Пред два месеца имав средба со министерот за транспорт на Грција на која разговаравме за железничко поврзување меѓу двете држави, а со завршувањето на овој проект тоа ќе се случи бидејќи тоа што го работиме треба да заживее и е од интерес на Македонија и Грција, нагласи Сугарески.
Градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска оцени дека железничката пруга Битола-Кременица директно ќе придонесе за локалниот економски развој на пограничните општини, а размената на проекти и идеи во овој период е динамизирана.
– Сообраќајна инфраструктура од вакви размери е од исклучително значење за секоја општина и овој зафат е голем придонес за економскиот развој на Битола на која и недостигаше ваков проект за развој на индустријата и индустриските капацитети. За нас посебно значајно е што во овој период ги конкретизираме проектните активности и соработка со грчките градови Воден и Солун и тоа што беше запоставено сега драстично се менува, посочи Петровска.
Градежните активности на железничката пруга Битола-Кременица ги врши меѓународната компанија Штрабаг, специјализирана за нискоградба и со високи референци во изградбата на железнички пруги.
Според најавите, наскоро ќе мобилизираат околу 300 лица и механизација за поставување на шините со што од ноември оваа година ќе има непречен железнички сообраќај меѓу Македонија и Грција.