Субвенциите не ни донеле поквалитетна храна
Субвенциите го зголемиле земјоделското производство, но не и квалитетот на производите. Државната помош, како и финансирањето преку европските кредитни линии биле причина за поголем раст во сточарството и производството на зеленчук и овошје, но не и кај пченицата и кај другите житни култури. Овие податоци ги покажала анализата на Европската Унија за влијанието на директните плаќања врз земјоделството во Македонија, која вчера беше презентирана во Министерството за земјоделство.
Фармите што земале субвенции ја зголемиле продуктивноста, а во просек, бруто-приходот на земјоделските стопанства е зголемен за 20 отсто, како директна последица на плаќањата, освен кај производството на житарки, каде што се бележи континуиран пад во производството. Сепак, македонските земјоделци не произведувале согласно барањата и потребите на пазарот, туку според субвенциите што ги добивале. Над половината од анализираните производители рекле дека ги чувствуваат бенефитите од субвенциите, особено во сточарскиот сектор, додека пак во другите области за модернизација на производството се потребни и други, дополнителни мерки, покажува анализата.
Според експертот од ЕУ, Салваторе Карфи, во периодот од 2009 до 2015 година најголем раст е регистриран кај производството на зеленчук и овошје. Пораснал и извозот на наши земјоделски култури, но уште повеќе пораснал увозот.
„Последните години има нарушување на рамнотежата во размената со странство во овој сектор. Македонските земјоделци ќе треба да работат на подобрување на квалитетот на своите производи, за да бидат конкурентни со увезените. Тогаш Македонија ќе може да се пофали дека го нахранила своето население со домашни продукти“, посочи Карфи.
Тој порача дека земјата мора да размислува за поедноставување на процедурите за апликација за субвенции, како и за почитување на роковите за исплата на државната помош, бидејќи производителите треба да планираат реинвестиции.
„Бројот на земјоделски стопанства е многу важен, а во Македонија околу 60 отсто се мали, под еден хектар. Од нив само еден отсто почнале да растат во изминатите години. Тоа значи дека е потребна имплементација на мерки токму за нивна поддршка, а еден од начините е поедноставување на процедурата за аплицирање за помош“, нагласи Карфи.
Анализата покажала и дека податоците за обработливото земјиште од различните бази на податоци не се совпаѓаат, а некои површини воопшто не се регистрирани. Сличен е случајот и со пасиштата кои, како што беше сугерирано, ќе мора поконкретно да се дефинираат.
„Кога дојдовме во Министерството, веднаш побаравме ваква анализа. Прелиминарните резултати покажуваат дека половина од обработливото земјоделско земјиште и пасиштата не се регистрирани поради што за нив, ако бевме сега членка на ЕУ, не ќе можевме да побаруваме пари од европските фондови“, рече Трајан Димковски, шеф на кабинетот на министерот за земјоделство.
Сања Наумовска