Стилот на премиерот Зоран Заев: Во костум, никогаш во џемпер

 

Елегантен, секогаш во костум и во кошула, со вратоврска или без вратоврска. Таков е стилот на Зоран Заев откако е на премиерската функција. Костумите најчесто му се струкирани, во темносива и темносина боја. Кошулите, исто така, еднобојни, а  вратоврските некогаш се класични, а некогаш во џиш-боја, како црвената.

Премиерот и лидер на СДСМ досега не сме го виделе во лежерна варијанта, во џемпер, како претходниот премиер Груевски, кому му беа омилени, а кои на почетокот на премиерската функција ги носеше пикнати во фармерки, некогаш без кошула, само со машка долна маица. Заев досега не прави модни излети ниту во фармерки ниту носи ролки. Чевлите очигледно му се фах. Ги избира модерни, со врвки, со полузаоблен врв.

Новиот премиер не сме го забележале да носи иста комбинација во текот на целиот ден, во разни пригоди, како што милуваше претходникот Груевски. Тој знаеше од коктел до погреб да не ја смени гардеробата, што е голема протоколарна утка.

Не знаеме дали премиерот Заев има протоколарна служба која се грижи за неговиот изглед или се тоа лични, негови комбинации. Засега е успешен, да не речеме здодевен, во позитивна смисла, ама така налага дрес-кодот на високите функционери. Времето ќе покаже.

Лејла Сабит