Стартува реконструкцијата на сцената „Долни Сарај“ во Охрид

Со предвидените активности за реконструкција што е предвидено да стартуваат веднаш по завршувањето на законските рокови околу тендерската постапка повторно ќе блесне сцената „Долни Сарај“ во Охрид, една од најубавите и најрепрезентативни сцени во градот.

Директорката на Националната установа „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, изврши увид на моменталната состојба на локацијата, најавувајќи дека сцената после реконструкцијата ќе добие нов, функционален и модерен изглед.

-„ Долни Сарај“ која е една од најубавите сцени во градот ќе го добие заслужениот лик и ќе претставува најсоодветното место за настапите на уметниците од целиот свет кои учествуваат на најреномираниот музичко-сценски фестивал во Македонија, „Охридско лето“.  Од друга страна, таа ќе биде и удобно катче за публиката. Планирано е градежните активности да завршат во декември, вели Поповиќ.

Според неа, сцената ќе претпрпи комплетна и темелна санација со нивелирање и зголемување на површината за десет проценти, како и вградување полиуретански под за подобрување на перформансот и заради заштита од атмосферски влијанија.

Што се однесува до гледалиштата на „Долни Сарај“, ќе биде извршена комплетна санација на постоечките, а ќе се постават и ново западно и ново централно гледалиште, со што, капацитетот наменет за публиката ќе се зголеми за околу 40 проценти. Исто така, проектот предвидува и проширување на пристапниот влез за товарни возила до самата сцена.

Комплетно санирана ќе биде и терасата на „Долни Сарај“ што се наоѓа над Охридското Езеро. Таму ќе се реновира подот, како и постоечката бетонска ограда. Проектната документација предвидува и комплетно реновирање и проширување на пристапните скали кон терасата.

Предвидено е и неколукратно зголемување на капицитетот на електричната моќност, а целиот простор ќе добие и ново хортикултурно уредување.

Целокупниот проект за реконструкција и санација на сцената „Долни Сарај“ вреди 2,3 милиони денари, од кои 1,4  милиони денари ги обезбеди Министерството за култура на Република Македонија преку програмата за култура за 2018 година, а останатите средства, фестивалот ги обезбеди  претходно со цел сцената да добие модерен изглед според сите светски стандарди.