Стартува претседателски „триатлон“. Ќе стигне ли еден до целта?

Само три кандидатури за шеф на државата, како што се очекуваше, стигнаа до вчера попладне во ДИК, пред истекот на рокот за завршување на оваа обврска согласно со изборниот календар. Пред неколку дена, прв кандидатурата ја достави независниот Блерим Река, амбасадор и професор на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, за кого застанаа опозициските Алијанса за Албанците и Беса. Во текот на вчерашниот ден шефот на изборниот штаб на СДСМ и коалицијата Александар Кирацовски, точно напладне, ја достави кандидатурата на Стево Пендаровски, кој вторпат влегува во претседателската трка од позиција на национален координатор за НАТО во Владата, кому во биографијата му е запишан и повеќегодишно советничко искуство во кабинетите на двајца поранешни претседатели, како и неколкугодишен стаж како професор на „Американ колеџ“, а претходно и како претседател на ДИК. Половина час подоцна во ДИК пристигна и кандидатурата на професорката од Правниот факултет Гордана Силјановска-Давкова, која има зад себе и министерско искуство – во деведесеттите години од минатиот век.
Во политичките концепти на тројцата кандидати, како што може да се забележи од нивните досегашни настапи, нема многу допирни точки, освен што им е заеднички професорскиот статус во областа на правото и меѓународните односи. Всушност, да не истрчаше Река на изборната патека како независен кандидат, овие избори ќе се сведеа на „двобој“ меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, преку своите кандидати за кои одлучија да бидат партиски неутрални решенија.

Покрај најскромната бројка на кандидатури досега, специфика на ова предизборие е и реалната опасност од мал одѕив на гласачите, со што би можела да се доведе во прашање успешноста на процесот. Поради тоа, деновиве, и еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан испратија предупредување дека учеството во претстојниот изборен циклус ќе биде од суштинска важност за одлуката за старт на преговори за членство во ЕУ. Според тоа, очекувањата во Брисел се во јуни, кога ќе се одлучува околу почетокот на преговорите, во Македонија веќе да биде избран петтиот шеф на државата.
Александар Кржаловски од МЦМС прогнозира дека изборите, сепак, ќе завршат со избор на нов претседател, иако како што посочува останува одреден степен на неизвесност. Тој очекува вклучувањето на Река во трката да претставува мотив за ВМРО-ДПМНЕ да не размислува за евентуален бојкот на вториот круг, затоа што проценките се дека третиот кандидат ќе ја намали разликата меѓу Пендаровски и Силјановска.
– Очекувам во вториот изборен круг да биде постигнат цензусот од 40 проценти, иако секогаш постои ризик од помал одѕив на гласачите. Во првиот круг е можно да се постигне и одѕив од над 50 проценти, така што кандидатот Река ќе ги мобилизира протестните гласови на Албанците против ДУИ, а ќе ја намали разликата во гласови меѓу кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Тесната разлика би била мотив за ВМРО-ДПМНЕ да продолжи во вториот круг, кога, пак, може да се очекува помала излезеност, но сепак добар дел од гласовите на Река би отишле кај Пендаровски, анализира Кржаловски.

Кандидатурите за претседател треба да бидат поддржани со најмалку 10 илјади граѓански потписи или со поддршка од најмалку 30 пратеници. За официјализирање на кандидатурата на Пендаровски во ДИК бил доставен список со 32 илјади потписи, иако претходно беше соопштено дека има поддршка од повеќе од 60 пратеници.
– Се определивме за онаа форма која според нас има поголема тежина, а тоа е поднесокот на 32.000 потписи за поддршка на Пендаровски – појасни вчера Кирацовски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, пак, ја поднесе кандидатурата на Силјановска со поддршка од 17 илјади граѓани. И Кирацовски и Мисајловски ги претставуваат кандидатите на нивните партии како фаворити на претстојните избори.
– Несомнено влегуваме како фаворити на изборите. Ќе имаме мирна, достоинствена кампања која ќе го отсликува нашето демократско општество. На граѓаните и на нашата држава им е потребен претседател кој пред сè обединува, кој работи чесно и професионално и кој ги штити интересите на граѓаните и на државата – порача Кирацовски.
Мисајловски нагласи дека има основа за добар натпревар, при што ќе победи најдобриот, а според него тоа е Силјановска.
– Имаме одлична кандидатка што ќе ја прифатат мнозинството граѓани и ќе се обединиме кон една голема победа – рече Мисајловски.
Најави наскоро презентирање на програмата која сè уште се изработува и која, како што рече, ќе допре до сите граѓани.
Кирацовски, пак, освен класични средби со граѓани, митинзи и дебати, најави и активирање на социјалните медиуми за најдобра презентација на кандидатот на владејачката коалиција.

Александра М. Митевска