ССМ на 1 Мај со марш и синдикални барања

Сојузот на синдикати на Македонија по неколку години пауза годинава организира првомајски марш по повод Меѓународниот ден на трудот.

Под мотото „Патиштата се различни, целта е една“ маршот ќе почне од пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија и ќе продолжи пред македонското Собрание и Владата на Република Македонија.

Синдикалците ќе побараат подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници, подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор. Тие ќе кажат и стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

– Се враќаме на традиционалните патишта. Одлуката е донесена едногласно од највисоките органи и тела. Сите претседатели и советници ја донесовме одлуката на 1 Мај да се маршира и да се кажат работничките барања, истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски на денешната прес-конференција.

Синдикалните барања, како што рече, се доставени до Министерството за труд и социјална политика и до Владата на Република Македонија.

Од ССМ посочуваат дека треба да се изработи нов закон за работни односи каде ќе се ревидираат постоечките членови и ќе се вметнат нови, а едно од прашањата за кое ќе се преговара ќе бидат договорите на определено време.

Првомајскиот марш се поклопува и со 110-годишнината од синдикалното движење и организирање во Македонија.