Срушен влезот на Куќата на цвеќето во Белград

Срушен е влезот на Куќата на цвеќето во Белград, каде што е погребан доживотниот југословенски претседател, Јосип Броз – Тито. Тамошните власти тврдат дека објектот се реновира, но детали не се соопштуваат. Српските медиуми пишуваат дека местото низ кое минале дваесетина милиони луѓе, сега е претворено во градилиште. Акцијата на надлежните ги вознемири повозрасните жители на Белград.

„Слободно може да се каже дека низ вратите, кои сега ги нема, минале сите Титови Југословени, кои го посетија неговиот гроб, како и на сопругата Јованка. Во Куќата на цвеќето во периодот од 1980 до 2012 година, изброени се повеќе од 17 милиони луѓе. На датумите кога се обележуваат родендените и смртта на Маршалот, се собираат околу две илјади посетители. Бројката денеска сигурно се движи околу 20 милиони, колку што и имаше жители во поранешна Југославија“, пишуваат белградските весници.

Куќата на цвеќето е изградена во 1975 година, како зимска градина за потребите на Јосип Броз и тогаш беше наречена „цвеќара“. Имајќи предвид дека во неа минувал голем дел од времето, Тито изразил желба во неа да биде погребан, па во 1980 година е преуредена во негово вечно почивалиште.