Српски пратеник: Вучиќ и Брнабиќ треба да висат на Теразије

Пратеникот од движењето Двери, Срѓан Ного, во емисија на јутјуб-каналот им се заканил со смрт на српскиот претседател Александар Вучиќ и на премиерката Ана Брнабиќ.

Ного во изјава за еден медиум на јутјуб-каналот истакнал дека, според неговите сознанија, Ана Брнабиќ веќе го потпишала Даблинскиот договор со ЕУ за мигрантите и, доколку е тоа вистина, тогаш „таа треба да биде обесена во истиот момент на плоштадот Теразије, а покрај неа да виси и Александар Вучиќ“.

– Доколку Брнабиќ навистина го потпишала Даблинскиот договор, а јас имам некои информации дека го направила тоа, тогаш Брисел може да ѝ испорача на Србија еден милион и двесте илјади мигранти, тврди Ного.