Српска делегација на погребот на Фадиљ Вокри во Приштина

Легендата на косовскиот фудбал Фадиљ Вокри, кој почина вчера од срцев удар на 58-годишна возраст, ќе биде погребан денеска со високи државни почести, а меѓу оние кои ќе присуствуаат на погребот во Приштина ќе има и делегација од Србија.

За оддавање почест на некогашната фудбалска ѕвезда на Приштина, белградски Партизан и на тогашната репрезентација на Југославија, во Приштина ќе допатува Милорад Вучелиќ, претседател на ФК Партизан, клубот за кој во средината на 80-тите играше Вокри.

Според медиумите, се очекува Вучелиќ да допатува во Приштина со приватен авион, придружуван и од екс-претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија Томислав Караџиќ, кој таа функција ја извршуваше токму во времето кога Вокри ја внесе косовската фудбалска Федерација во УЕФА и ФИФА.

Во времето кога играше за Партизан, Вокри беше еден од најголемите идоли на навивачите на белградскиот тим, кои речиси на секој натпревар го скандираа неговото име. Тој ги одржа врските со своите колеги и пријатели од Србија за сето време од осамостојувањето на Косово, а и како претседател на Фудбалската федерација на Косово.

По повод смртта на Вокри во Косово денеска е прогласен ден на жалост, а во косовското Собрание е одржана комеморација, на која се појавија речиси сите видни личности од јавниот живот во земјата. Голем број граѓани во текот на минатата ноќ му оддадоа почит со палење свеќи на централниот плоштад во Приштина.