Средба Џафери-Радев: Бугарија ќе ја поддржи Македонија кон НАТО И ЕУ

Потпишувањето и ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка отвора нови можности во односите меѓу двете држави и ја докажува цврстата определба на Република Бугарија да и пружи целосна поддршка на Република Македонија за пристапување во НАТО и Европската унија.

Ова на денешната средба го истакнаа претседателот на македонското Собрание Талат Џафери и претседателот на Бугарија Румен Радев, кој престојува во дводневна официјална посета на Македонија.

Џафери, како што информира собраниската прес-служба, истакнал дека особено радува поддршката на Република Бугарија за зачленување на земјите од Западен Балкан во НАТО и во ЕУ.

– Членството на Република Македонија во овие организации и натаму останува врвен државен, политички и стратешки приоритет. За успешно заокружување на овие процеси, Република Бугарија и нејзините институции можат со сопствени искуства да дадат значаен придонес за реализација на овие цели. Актуелното раководство на Република Македонија прави напори да ги подобри односите со соседите и преку конкретни чекори, како што е потпишувањето на Договорот со Бугарија и со надминување на отворените прашања со Република Грција, очекува да добие датум за преговори за членство во ЕУ, а на самитот на НАТО во јули оваа година конечно да се потврди поканата од Букурешт од 2008 година земјата да стане членка на Алијансата, нагласил Џафери.

Претседателот Радев изразил задоволство од денешната средба, ја поздравил ратификацијата на Договорот во Собранието на Република Македонија како важен политички чин и државничко однесување и нагласил дека поддршката на активностите од неговото спроведување треба да бележи континуитет и во иднина.

– Договорот отвора нови димензии за евроатлантската перспектива на земјата, и во тој контекст, од особено значење е продолжувањето и интензивирањето на соработката меѓу двата парламента, поконкретно преку групите за соработка и преку парламентарните комисии за европски прашања, надворешна политика и одбрана, посочил Радев.

Бугарскиот претседател истакнал дека од суштинско значење е соработката меѓу позицијата и опозицијата и консензусот околу стратешките прашања за државата, како што е членството во НАТО и ЕУ, посочувајќи го примерот на Собранието на Република Бугарија, кое даде целосна поддршка на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија.

На средбата од бугарска страна присуствувале Кристијан Вигенин, претседател на Комисијата за европски прашања и контрола на европските фондови, Борис Борисов, претседател на Групата за пријателство Бугарија – Македонија и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Бугарија: Фросина Ташевска-Ременски, Илија Николовски и Реџаиљ Исмаили, членови на Групата.

Пратениците од двата парламента укажале на динамизирање на соработката во областите од заеднички интерес и посочиле дека со конкретни активности во овој историски момент, ќе дадат свој придонес и поддршка во заедничките напори за унапредување на билатералната соработка меѓу двете блиски држави и народи и поддршка на реформите на Собранието на Република Македонија во евроатлантските интеграции.