Средба на Шекеринска со претставници на „Транспаренси Интернешнал“

Министерството за одбрана изразило интерес да биде вклучено во Антикорупцискиот индекс на Transparency International – одбрана и безбедност, преку кој се вршат проценки на ефективноста и зајакнувањето на институционалните и неформалните контроли во справувањето со ризикот од корупција во одбраната и безбедносните институции.

Како што информираат од Министерството, ова било истакнато на денешната средба на министерката за одбрана Радмила Шекеринска со Методи Зајков, генерален секретар на Transparency International за Македонија и Каролина МекЛахлан, менаџер за истражување и политика – конфликти и небезбедност од меѓународната канцеларија на Transparency International.

– Целта на вклучувањето ќе биде да се подобри работата на институциите од одбраната и безбедноста на Република Македонија, да се зајакне нивната антикорупциска агенда и на тој начин да се зголеми довербата во нив, се наведува во соопштението.

Воедно, се посочува дека неколку од земјите од регионот како Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина веќе се вклучени во антикорупцискиот индекс на Transparency International, но за жал тоа не било случај со Република Македонија. – Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија со овие чекори ја истакнуваат својата силна политичка волја за поголема транспарентност, одговорност и вистинска борба со корупцијата, велат од МО.