Средба Вучиќ-Рама: Ставот за Косово е основна ралика меѓу Србија и Албанија

Србија и Албанија имаат добри односи, кои се особено важни за стабилноста на Западниот Балкан, изјави денеска во Давос српскиот претседател Александар Вучиќ на средбата со албанскиот премиер Еди Рама.

– Фактот дека имаме различни ставови за одредени прашања, не значи дека не сме свесни за фактот дека нашите две земји играат важна улога во одржувањето на мирот, изјави Вучиќ, нагласувајќи дека ставот за Косово е основна ралика меѓу Србија и Албанија.

Како што соопшти Кабинетот на српскиот претседател, на средбата Вучиќ и Рама разговарале за билатералните односи и за европскиот пат на двете земји.

На средбата станало збор и за економската соработка, особено за развојот на туризмот и начините за мотивирање на албанските граѓани да дојдат во Белград и граѓаните на Србија да ја посетат Тирана.

Албанскиот премиер Еди Рама, од своја страна, изјави дека верува оти Србија и Албанија ќе продолжат да ја спроведуваат агендата за економски развој на регионот без граници и дека ќе придонесат за отстранување на бариерите во трговијата, културата и науката.

Рама истакна дека Косово останува важна тема за односите меѓу Србија и Албанија, како и дека Тирана го поддржува продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Вчера, веднаш по пристигањето во Давос, Вучиќ и Рама имаа неформална средба, по која алабанскиот премиер за српските новинари околу неговите очекувања дали Србија и Албанија можат заедно да влезат во ЕУ или проценува дека Србија пред Албанија ќе стане членка на Унијата, изјави дека се работи за процес заснован на заслуги.

– Кога се говори за Србија, таа има предност бидејќи веќе е во процесот на преговори со ЕУ, а ние очекуваме годинава да ги започнеме пристапните преговори. Сакаме во преговорите да имаме брз напредок. Но, зошто не би можело да се случи да бидеме во иста позиција во времето пред нас и заедно да влеземе во ЕУ. Под претпоставка дека Србија ќе го признае Косово, изјави Рама