Србија се качи на брзиот воз, Македонија ќе почека


За две години од Белград до Будимпешта ќе се стигнува за само три часа со воз. Вчера во Белград започнаа градежните работи за модернизација на железницата што треба да ги поврзе Унгарија и Србија со брза пруга на која возовите ќе „летаат“ со 200 километри на час.

Овој трилатерален проект за модернизација на железничката пруга од Белград до Будимпешта е прв прекуграничен проект во рамки на соработката помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа кој заеднички го реализираат Србија, Унгарија и Кина.Проектот понатаму треба да продолжи преку Македонија до солунското пристаниште.

Но, додека Србите овој проект го најавуваат како историска инвестиција во инфраструктурата, македонските возови иако се кинески и нови, по македонските пруги возат со едвај 80 на час.Македонија како што стојат работите на терен, ќе почека на перонот на кој возовите се уште пристигнуваат бавно.

Премиерот Зоран Заев заедно со владината делегација изминатите два дена присуствуваше на Самитот на земјите од Централна и Источна Европа и Кина кој што се одржа во Будимпешта.Од прес службата на Владата информираа дека Заев се сретнал со кинескиот премиер Ли Кечијанг каде ги разгледале проектите од регионално значење за Коридорот 10 и се согласиле за негова имплементација и реализација во најбрз рок.

Тема на разговорите биле и новото железничко поврзување по должина на Коридорот 8. Кинескиот премиер, како што информираат од Владата, истакнал дека со реализација на двата Коридори 8 и 10 Македонија ќе стане транспортен јазол во регионот и посочил дека инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината на земјата.

-Овa е историски момент за Македонија. Помошта од Кина е значајна за инфраструктурна модернизација на земјата, изјави премиерот Заев по средбата во Будимпешта.

Но, освен желбата за брза реализација на проектите засега нема ништо конкретно кога станува збор за изградбата на брза пруга во Македонија.
На истиот став се и од Министерството за транспорт и врски. Од таму велат дека Македонија активно ги следи сите регионални проекти и сериозно ја разгледува можноста за вклучување во нив.

-Конкретно за проектот брза железница од Будимпешта до Солун, Македонија ќе ги разгледа сите отворени можности што ќе ги понуди инвеститорот. Сметаме дека изградбата и реконструкцијата на брза пруга значително ќе влијае врз раздвижување на железничкиот сектор во регионот, велат за Независен весник од Министерството.

Според неофицијалните информации на Независен весник за изградба на брза железница низ Македонија уште претходната Влада изработила физибилити студија, а проектот бил дури и претставен пред кинески претставници.

Но, поради политичката криза и поради промената на власта засега се уште нема конкретни активности како и кога ќе се реализира и колку средства ќе бидат потребни за модернизација на македонската железница.

Во буџетот за следната година за капитални инвестиции од патната и железничка инфраструктура се планирани 57 милиони евра. Предвидено е да продолжи модернизирањето на постојната железничката инфраструктура со реконструкција на железничката пруга на Коридор 10, финансирана со средства од ЕБОР.

Догодина предвидени се и пари за продолжување на изградбата на првата и втората фаза од железничката пруга Коридор 8 – делница од Куманово- Бељаковце-Крива Паланка, финансирана од ЕБОР. Оваа пруга треба да биде готова до 2022 година.
Пари се предвидени и за интензивирање на рехабилитацијата и доизградбата на железничката пруга „Битола – Кременица“, со што ќе се обезбеди алтернативен начин за поврзување со Грција. Според најавите оваа делница треба да биде готова до 2027 година. Пари за брзата пруга не се предвидени.

Србија повлече две милјарди долари од кинеската помош

На железничката станица во Земун вчера започна изградбата и реконструкцијата на пругата од Белград до Будимпешта. Првата делница ќе биде од центарот на Белград до Стара Пазова. Вкупната вредност на изградбата на пругата во Србија изнесува две милјарди долари.

Со проектот се предвидува целосна реконструкција и модернизација на градежната и електротехничката инфраструктура со подигнување на брзината на делницата од центарот на Белград до Батајница до 120 километри на час, а од Батајница со Стара Пазова до 200 километри на час.

Делницата од Белград до Стара Пазова е во должина од 34,5 километри, а работите на оваа делница ќе ги изведуваат „Чајна Релвејс Интернешанел“ и „Чајна комуникејшн констракшн компани“. Вредноста на договорот е 350,1 милиони долари. Со изградбата на оваа пруга патувањето од Белград до Будимпешта ќе се скрати од осум на три часа. Овој проект е само еден дел од целосниот план за поврзување на Европа со Солунското пристаниште.

Кина пред три години на првиот Самит кој што се одржа во Белград со земјите од Цнтрална и Источна Европа најави инвестиции од три милјарди евра во инфраструктурни проекти во регионот.
Александра Спасевска

.