Србија: Приведени осум странски државјани поради снимање на разузнувачки служби

Српското Министерство за одбрана денеска потврди дека воената полиција вчера привела двајца американски и две украински државјанки поради сомнеж дека со дрон се обиделе неовластено да ја снимаат зградата на стариот Генералштаб во Белград, каде сега се наоѓаат Воено- разузнавачка  служба (ВОА) и Воена-безбедоносната служба (ВБА).

По повод овој случај се огласи и министерот за одбрана Алаксандар Вулин, кој изјави дека вчера и денеска се приведени вкупно осум странски државјани кои се обиделе невластено да снимаат и да влезат во воени објекти, каде влезот е строго забранет.

– Надлежните служби работат на разјаснување на сите овие настани и кога ќе дојдеме до  соодветни заклучоци, ќе ја информираме јавноста. Не сакам да му придавам поголемо значење на ова, но морам да кажам дека не верувам во случајност и дека толку голем број на странски државјани и таков голем број на упади или обиди за упад во подрачја кои се под контрола на Војската на Србија, одамна не е евидентиран, изјави Вулин.

Тој додаде дека сите српски безбедоносни структури се вклучени во решавањето на тој случај, што е предаден во надлежност на полицијата и обвинителството.

И српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа потврди дека е уапсена група на странски државјани, при што оцени дека „не се работи за нешто посебно опасно“.