Србија: Кога новинарите „бегаат“ од провладините таблоиди

Српските таблоиди блиски до владата сè почесто ги напуштаат новинарите кои не сакаат да пишуваат нарачани текстови против „неподобни“ луѓе, главно оние што им се замериле на властите.

Последната во низата што ја напуштија редакцијата на „Српски телеграф“ е новинарката која не сакаше да пишува очигледно нарачан, „плукачки“ текст за познатиот актер Драган Бјелогрлиќ. Нејзината СМС-преписка со актерот се појави на социјалните мрежи откако беа објавени информации и за други ситуации и новинари кои во меѓувреме заминаа од овој таблоид.

Новинарската на „Српски телеграф“ во СМС-пораката упатена до Бјелогрлиќ, на актерската констатација: „Срам нека Ви е. Ништо не Ви е свето“, кога слушнал дека сакаат да пишуваат за неговите односи со кумот, починатиот Милорад Мандиќ -Манда, одговори: „Јас само што дадов отказ, верувале или не… Ете што мислам за сето ова“.

На прашањето да го прокоментира последниот случај, главниот уредник на „Српски телеграф“, Милан Лаѓевиќ, ни порача: „Продолжете да водите редовна хајка против нашиот весник кога ќе напишеме нешто што не е во согласност со мислењето и политиката на Ѓилас, Јеремиќ, Трифуновиќ и сличните“.

Таблоидите, се разбира, не размислуваат за емоциите на луѓето што ги напаѓаат или споменуваат во текстовите. Бјелогрлиќ заврши на страниците на жолтиот печат само затоа што го поддржа изјавата на Никола Којо дека ќе замине од земјата ако протестите не успеат. Семејството на Милорад Мандиќ-Манда, исто така, е шокирано.

„Текстот на наведениот весник можам да го доживеам исклучиво како едно болно потсетување и повторно оживување на трагедијата што ги имавме и децата и јас. Искрено, јас единствено сум одговорна и должна на мојот малолетен син да му објаснам сè и да му ја кажам вистината. И да му избришам секоја солза после ваквите текстови“, вели Анастасија Ања Мандиќ, сопруга на Манда, за текстот насловен „Каде ќе ти оди душата, куме?!“, објавен во „Српски телеграф“поради кој новинарката даде отказ.

Овој таблоид го нападна Драган Бјелогрлиќ обвинувајќи го дека не ги демантирал написите во кои се наведува дека тој му го отплатил станбениот кредит од 85.000 швајцарски франци на покојниот кум. Во текстот се вели дека Бјелогрлиќ рекол дека ќе го отплати станбениот кредит на Манда, но дека на банката тој износ ѝ го вратила осигурителната куќа врз основа на животното осигурување на покојниот.

„Овој текст се обиде, но не успеа да извалка едно пријателство, чесна намера и еден човек – Драган Бјелогрлиќ. Во време на целосен распад, кога сè ви е блокирано, поради разни бирократски работи што мора да ги извршите, Драган предложи да ме застапува адвокат кој со мене ги решаваше многубројните процедури низ кои мораше законски да поминам“, додава Ања Мандиќ.

Единствената вистина, додава таа, е дека Бјелогрлиќ беше иницијатор на идејата да се соберат колеги и пријатели, кои беа подготвени и способни да помогнат во исплатата на кредитот, и тоа на помалиот дел, пресметан од страна на банката по наплата на животното осигурување на Манда.

Според зборовите на нашите соговорници, пријателите кои беа во можност да помогнат за помош сакаа да останат анонимни, за да се зачува достоинството на починатиот Манда и неговата фамилија.

Новинарката на „Време“, Тамара Скроца, вели дека нема никаква емпатија кон новинарите кои заминуваат од таблоидите ниту сакаат да се солидаризира со нивните чекори.

„Каде беа тие колеги досега? Досега не било грдо да лажат, да навредуваат, да ги уништуваат другите луѓе? Што се однесува до мене, можат и илјада пати да дадат отказ и да работат што сакаат, тие одамна се покажаа и докажаа“, вели Скроца за „Данас“.

„Српски телеграф“ меѓу првите го напушти и новинарката која секторски се занимаваше со хуманитарната фондација „Поддржи го животот“, основана од Сергеј Трифуновиќ. Таа замина во текот на кампањата што овој таблоид ја водеше против Трифуновиќ обвинувајќи го дека се коцка со парите на хуманитарната организација собирани за лекување деца во странство. Иако криминалистичката полиција ја чешлаше документација на фондацијата повеќе од еден месец, не најде никакви неправилности. Меѓутоа, таблоидите продолжија со кампања против сите кои изнесоа критики на сметка на актуелната влада и претседателот Александар Вучиќ, додека некои новинари си заминаа. (Данас)