Србија бара итна седница на СБ на ОН поради формирањето Војска на Косово

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска најави оти Белград ќе побара одржување на итна седница на Советот за безбедност на Обединети нации поради формирањето на Војска на Косово.

– Тоа е најдиректна закана по мирот и стабилноста во ретгионот и по безбедноста на српскиот народ, кој живее во Косово и Метохија, истакна Дачиќ.

Претходно, српската премерка Ана Брнабиќ изјави дека денешниов ден кога Собранието во Приштина гласаше за законите за трансформација на Косовските безбедоносни сили во Војска на Косово, „не е ден кој придонесува кон стабилност во регионот“, додавајќи дека Србија ќе продолжи со својот пат кон стабилност и мир.

По повод фомирањето на Војската на Косово се огласи и српскиот министер за одбрана Александар Вулин. Тој посочи дека се „надгледува состојбата во Косово“ и дека Војската на Србија е „подготвена да ја исполни која било наредба на врховниот комадант, претседателот Александар Вучиќ, кој е информиран за сите детали“.

Српскиот претседател Вучиќ, заедно со Вулин и началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, од синоќа во следните 72 часа е во посета на повеќе единици во копнената безбедносна зона на границата кон Косово.