Србите на пациент му вградија целосно вештачко срце

Српски лекари вградија целосно вештачко срце кај пациент и тој по операцијата се чувствува одлично.
Благодарејќи на зафатот на тим лекари од Институтот „Дедиње“, пациент со изразена срцева слабост, доби драгоцено време да почека соодветен орган за трансплантација. Тоа е пациент кој без вештачко срце не би можел да ја дочека трансплантацијата
Српските медиуми пренесуваат дека вградувањето на првото целосно вештачко срце е огромен исчекор на нивната кардиохирургија и револуционерен зафат прв во регионот, со што можат да се вбројат во самиот врв на светските установи во кои ова е направено.

Срцето се полни на батерии
Механичкото срце е со слична големина како и природното. Се полни со батерии, кои пациентот откако ќе излезе од болница ги носи на грб, во ранец тежок 6 килограми. Освен тежината на грбот, вештачкото срце му дава комфорен живот на оној кој го има.
-Во градите чувствувам нешто друго, не е исто, но функционира одлично. Многу сум им благодарен на лекарите и на целиот тим кој направи операцијата добро еда помине – изјави пациентот, 43-годишен професор по географија.
Од првите моменти кога медицината почна да вградува вештачко срце, тоа било такво што пациентот со него можел само да лежи. Оттогаш се променети многу работи. Сега, вештачкото срце е неспоредливо повеќе налик на природното. Целосното механичко срце има и лева и десна преткомора и залистоци. Нив ги нема кај парцијално срце, кое исто така може да се вгради во телото на човекот.
Операцијата ја изведоа кардиохирурзите проф. Д-р Александар Николиќ и д-р Саша Боровиќ. За овој потфат биле на специјална едукација во Германија. Зафатот траеше пет часа. Секој детал е снимен и ќе биде претставен пред јавноста.

Ако не е донација, чини 200.000 евра
Денеска, на Свети Никола, на истиот Институт после подолга пауза, докторите ќе вградат и парцијално вештачко срце во градите на друг пациент.  Вештачко срце чини 200.000 евра. Српската клиника го добила како донација од светскиот произведувач “Syncardia” .
За секој следен хируршки потфат ќе бидат потребни 200.000 евра. Уште е неизвесно дали овој тип интервенција би одел на товар на тамошниот Фонд за здравствено осигурување.
Со оживувањето на програмата за трансплантација на срце, со вградувањето на парцијално и на целосно вештачко срце, Институтот „Дедиње“ може да им помогне на пациентите за кои нема надеж без механичка поддршка, а потоа и без дарител на орган. Во светот се ретки медицинските установи во кои се применуваат сите овие три методи, пишуваат српските медиуми.