СП 2018: Перу со почесна победа над Австралија заминува од Мундијалот

Перу ја совлада Австралија со 2:0 во натпревар од групата Ц на Светското првенство во Русија.

По двата минимални порази од Франција и Данска, за Перу ова беше прва победа на мундијал по пауза од 36 години.

Андре Кариљо во 36-та минута донесе водство за Перуанците од 1:0, а во вториот дел Паоло Гереро беше прецизен во 50-та минута за конечни 2:0.

Перу си заминува од Светското првенство во Русија како третопласирана во групата со три бодови, додека Австралија е четврта со еден бод.

Во оваа група пласман во осминафиналето обезбедија Франција со седум бодови, која е прва на табелата, и Данска со четири бодови како второпласирана.