Спектакуларен концерт во Скопје: Чолиќ ни е во крвта

На концертите на балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ (67) влегуваш како дама и господин, а излегуваш како возбуден и среќен тинејџер, како да си освоил лото, како да не знаеш што да правиш со сета таа среќа, чувство и задоволство.

Синоќа, Чола пак направи спектакуларен концерт во Скопје, втор по ред, по само една недела од првиот, во организација на „Прагма продукција“. Ѕвезда и мангуп цел живот, никогаш не е здодевен иако ги знаеме наизуст старите хитови но и новите песни. Прекрасен звук и визуелни ефекти, преубави танчерки на сцена, звездено небо од пенкала-сијалички и мноштво пуштени балони за публиката.

ВИП Арената беше преполна со среќни луѓе, жени, мажи и деца од сите генерации, носталгични по едно убаво време, но и радосни што Чола со новиот албум ни донесе симболично уште „Она малку среќа“.

Здравко, елегантен, во црно и со подолга пуштена коса, уште го сакаат дамите, а на мажите им е како идол. Кадифени играчки летаат кон сцената и понатаму, тој се поздравува со обожавателките кои му пружаат раце, добива уште ружи и насмевката му е иста.

Концертот почна со хитот „Продужи даље“ па три часа се редеа наизменично новите и старите песни: „Пусти, пусти моду“ , „Ти си ми у крви“, „Красива“…

И да ни пее секоја вечер Чола во Скопје, не ни е доста. Тој ни е во крвта. За цел живот.

Л. Сабит    Фото: Борис Грданоски