Спасовски: Приведен напаѓачот на пратеникот Милески

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека е идентификувано и приведено лицето кое изврши напад врз пратеникот и лидер на ЛДП Горан Милески.

Тој во емисија на ТВ Канал 5 посочи дека станува збор за лицето П.В. од Скопје, кое од порано и е познато на полицијата.

– Знаете дека имаше напад врз пратеникот и лидер на ЛДП Горан Милески. Се преземаа мерки за расчистување на целиот овој напад што се случи. Ние идентификувавме лице. Беше дадено во јавноста за да може да биде препознаен неговиот идентитет. МВР го утврди идентитетот. Лицето е привецено во полициска станица и согласно насоките на Јавното обвинителство ќе се постапува понатаму, рече Спасовски.

Според него, МВР очекува од Јавното обвинителство да ги даде насоките за целосно расчистување на овој настан и за откривање на мотивите.

Сакам да се знае, додаде тој, дека нема да има толеранција за никакво насилство врз кој било граѓанин, политичар…

Спасовски изрази благодарност до сите граѓани кои доставиле информации и податоци за лицето на фотографијата, која беше објавена во јавноста, и кое се поврзуваше со нападот на Милески.