Спасителот на Заев ќе ја чува цела нација

На денот кога во Кривичниот суд во Скопје почна да им се суди на обвинетите за насилствата на ланскиот 27 април, Владата го назначи Сашо Тасевски, кој се истакна со својата храброст во крвавиот инцидент, за директор на Бирото за јавна безбедност. Иако негово име се споменуваше веднаш по смената на Лазо Велковски, неговото именување беше дочекано како изненадување во јавноста. За едни херој, за други човек што вперил пиштол кон сопствениот народ, Тасевски ја добива една од најодговорните позиции во Министерството за внатрешни работи. Под негова контрола ќе биде целиот оперативен полициски систем.
Новиот шеф на БЈБ досега беше началник на Шестата управа, односно Одделот за обезбедување при МВР. Таа функција ја извршуваше од минатото лето, само неколку месеци по хаотичните случувања во Собранието. Тасевски, како лично обезбедување на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се најде во незавидна положба кога стотици граѓани насилно упаднаа во зградата на парламентот за да го спречат изгласувањето на Талат Џафери за претседател на Собранието. Во целиот тој метеж, кога загрозени беа и животите на пратениците и на функционерите од власта, Тасевски застана на првата линија. Во медиумите се појавија снимки и фотографии како им се спротивставува на насилниците, држејќи ги зад себе народните избраници и чувајќи ги од удари. Во еден момент, го извади службениот пиштол и пукаше во воздух како предупредување.
Токму тој момент подоцна, а и сега откако службено е назначен на новата функција, им даде повод на членовите и на симпатизерите на опозицијата да го напаѓаат и да го обвинуваат оти индиректно ги предизвикал инцидентите. Според нив, истреланиот куршум ги запалил страстите и бил мотивот за насилната реакција кај дел од граѓаните, кои, наводно, се почувствувале загрозени, па со инстинкт за преживување само сакале да се заштитат.
Од друга страна, од неговите колеги во Министерството, како и од припадниците на ешалонот на власта, можат да се слушнат само пофални зборови. Пратениците сведочат дека со својата храброст Тасевски им ги спасил животите зашто којзнае каков епилог ќе добиеше јуришот на разулавената толпа. Потенцираат оти ретко кој би собрал храброст во таква ситуација да постапи како него и со својот живот да ги брани другите не стравувајќи оти може да биде линчуван.
Во МВР потенцираат дека тој е одлично решение, затоа што покажал оти е врвен професионалец, чесен, скромен, храбар и одлучен.
Умерен и тивок, истакнат професионалец и одличен познавач на работите. Ценет од колегите, практично целата кариера ја помина во Шестата управа обезбедувајќи ги службените делегации од земјава и од странство. Истото го работеше и во време на ВМРО, и во време на СДСМ, уште од времето кога Бранко Црвенковски беше претседател“, тврдат тие што го познаваат.
Десетина дена по инцидентите, Тасевски, заедно со полицајците Ацо Ангеловски и Љупчо Јаневиќ, кои исто така беа дел од обезбедувањето на Спасевски, добија признанија за посебен придонес во работењето на МВР. Пред една година стана началник на Шестата управа. Тој е магистер по безбедност и докторант на Факултетот за безбедност. На почетокот од кариерата бил припадник на полициските „тигри“. Во 2004 година во САД посетувал курс за обезбедување на ВИП-личности, а беше и главен во обезбедувањето на Амбасадата на САД во Скопје.
Бирото за јавна безбедност е орган во состав на Министерството за внатрешни работи кое ги врши полициските работи во Министерството и чија организација и надлежност е уредена со Законот за полиција. Во надлежност на БЈБ е концептуалното планирање, следење и анализирање на безбедносната состојба и причините за појава на криминалитет и загрозување на јавната безбедност; генерален и стручен надзор и контрола над работата на организациските единици на полицијата, обработка на лични податоци, спроведување на ратификуваните меѓународни договори, грижа за подготвеноста на полицијата за дејствување и работа во услови на сложена безбедносна состојба… Неодамна, во рамките на Бирото беше формиран регистар за соработка со НАТО и безбедност на класифицирани информации со задача да ги врши работите што се однесуваат на имплементација на активностите во согласност со акцискиот план за членство на Македонија во НАТО и засилените напори за интеграција во ЕУ.
Со еден збор, тој е главен за сета работа на полицијата. Сè е под него“, објаснуваат од Министерството.
Директорот на БЈБ добива функција на четири години. Претходниот директор Лазо Велковски беше сменет по скандалот со полицискиот џип, односно откако се дозна дека неговата ќерка и другарките со службено возило заминале на летување во Грција. Како потенцијални наследници се споменуваа Тони Јакимовски, началник на скопската полиција, Миле Зечевиќ – ексдиректор на Управата за безбедност и контраразузнавање и пензионираниот генерал Зоран Јовановски.
Горан Адамовски